Медиумите како средство за масовно оглупавување

Драги мои, сѐ што требаше да се знае во врска со сегашноста и иднината на МРТВ, како широка слика, ја објаснив со аргументи и состојби што јас ги разбирам како такви. Дали навистина е така или не, тоа е друга работа. И во суштина е предмет на дебата. Моето го кажав. За да го разбереме докрај проблемот со македонските медиуми и да одговориме на прашањето: зошто во Македонија не се развива мала, но динамична телевизиска индустрија што ќе одговори на трите основни потреби на државата и нацијата да бидат информирани, забавувани и образовани, мора да ја објасниме ситуацијата со антиподот на МРТВ – а тоа сме ние, приватните национални терестеријални телевизии. Да одиме со ред. За жал, ќе мора да повторам работи што веќе сум ги кажал. И напишал. Но таков народ сме ние, кратко паметиме, кратко, многу кратко, драги мои!
Во земја со 1,8 милион жители и на пазар со 20 милиони евра, да имаат дозволи за работа пет терестеријални, една сателитска и дваесетина регионални и локални телевизии, е исто како да дозволите легална продажба на пет тешки, една полесна и дваесетина рекреативни дроги! Во суштина народот ќе ви живее мирно, вие ќе си терате политика, ќе раскажувате за среќната иднина што ќе дојде утре – евентуално задутре, но многу бргу ќе се соочите со фактот дека имате население што не е во состојба да мисли, да работи, да дејствува, да презема и учествува во иницијативи, да се развива и да напредува, но од вас ќе бара и очекува среќа! И така, вие ќе немате никаков друг излез, освен да легализирате „нови дроги“, кои произведуваат поголемо и посилно дејство на привидна среќа. Значи, во Македонија, ние со масовните медиуми, масовно произведуваме зависници од ниски страсти, кои се стимулатори на привидни перцептивни задоволства. „Перцептивни задоволства“ е состојбата со која може општо да ги дефинираме програмата и содржините на сите национални телевизии, во еден дел и во мојата. Тие перцептивни задоволства, во суштина се „наркотици, дрога од најопасен вид“, која влијае на духовното и психичкото здравје на нацијата. Погледнете го ударниот термин на телевизиите од 18.30, па сѐ до 22.30 и ќе видите дека нема ниту една содржина што информира и образова. Се работи за продукција на ниски страсти, на приказни во кои гледаме општ распад на вредностите, што е уште пострашното – во државата Турција и на државата Србија! За тие што не знаат, во овој момент, најконсумирани содржини, со околу 45 отсто од вкупното време на гледање – се турски серии и српски документаристички формати на ниски страсти. Што значи тоа? Тоа значи дека вие ја држите нацијата во состојба на заробен ум. Создавате идентификација на граѓаните со место и време на дејствие, со карактери, конфликти и односи што се случуваат некаде по Истанбул, Измир, Бурса, Белград или Горни Милановац. Нашата земја, нашите социјални и други односи и состојби не постојат. Македонија како реалност ја нема. Македонците како еманација не егзистираат во просторот и времето. Jа држите нацијата во состојба на привиден мир хранејќи ѝ го умот со ниски страсти, кои, повторувам – тоа се дроги посилни од сите марихуани, хероини, кокаини и амфетамини заедно! Ние создаваме нација која не произведува критичен ум за себеси, затоа што таа нема каде да се види таква каква што реално е! Не постои рефлексија. Не постои општествено огледало каде што општеството ќе се види – ќе се соочи со стварноста и ќе почне да се менува. Медиумите, масовните медиуми, во суштина треба да бидат тоа големо општествено огледало во кое се рефлектираме и на крајот лично и општествено се коригираме.
Почитувани политичари, вие може да изградите нови болници, нови училишта, нови патишта, аеродроми, улици, паркови, рајски градини и кули вавилонски, но сето тоа ќе биде бадијала затоа што нема кој да го види.

Сите генијални достигнувања во модуларното образование, сите нови зафати во медицината, сите енергетски капацитети, сите грандиозни инфраструктурни решенија нема да се рефлектираат во општеството и така да создадат мотивација кај граѓаните за општ и индивидуален прогрес и развој ако тоа не постои во медиумите. Ако нема кој да го консумира тоа? Ако нема кој да го рационализира тоа? Ако нема кој критички да го анализира, да го прифати или да го отфрли?! А тоа е можно само, ако е масовно присутно и видливо! Оти, да ве вратам на почетокот, масовните медиуми имаат три функции: првата е информирање, втората е образование и третата е забава. Без мистификации, просто е да се разбере. Ако од трите функции му одземете една, за жал во нашиот случај две, тој систем станува дисфункционален. Значи, во оној момент кога на националните телевизии им ги одземате функциите информирање и образование тие од медиуми се претвораат во бордели, казина и арени на кои функцијата им е само да ви биде забавно! Веројатно не очекувате во коцкарница, во јавна куќа или на борба со петли нешто да се информирате и да научите за животот или за општеството?
Како дојдовме до тука? Долго време мислев дека сето ова што ни се случува е предмет на заговор за уништување на државата и нацијата! Мислев дека ова е некаков таен проект што по нарачка на ЦИА и МИ6 го водат СОРОС и УДБА и не знам какви политички и универзитетски умови, кои имаат заговор против нацијата! На мое големо разочарување, сега сфаќам дека се работи само за незнаење, само за необразование, за неспособност и незаинтересираност на оние што се одговорни да го детектираат, да го анализираат и да го евалуираат овој проблем и да предложат начини за негово решение. Сега сум сосема убеден дека низ овие седум декади на негативна селекција, на избирање и давање власт и позиции на медиокритети, на полуобразовани, на муфљузи, на ситни души без знаења и каков било човечки интегритет и личен порив за придонес за некакво јавно добро, ние во суштина создадовме систем што не произведува потреба за какви било промени! Без општ критичен ум и без здраворазумни граѓани со критичко мислење, вие не можете да придвижите ништо. Без луѓе со јасно и изградено мислење вие не можете да произведете промени. Ние, драги мои, во овие декади произведуваме стихија на масовна летаргија, која се изведува преку идејата – „што ми е гајле, нема што јас да го оправам светот“! И ете нѐ таму кај што сме.

Што имаме како реалност, во овој момент, сега? Имаме 5+1 национални телевизии што се дисфункционални и во паничната борба за опстанок со сѐ помалите буџети на рекламодаватели и огласувачи на телевизија, на публиката ѝ нудат сѐ поголеми дози „медиумска дрога“. На тоа се состои програмирањето. На нови и поголеми дози зависност од ниски страсти! И тука, во целата ова тажна приказна има една голема и за мене алегорична институција што се вика ААВМУ, која во суштина треба да биде регулатор и контролор на квалитетот на содржините и програмите на телевизиите. Не ми се верува дека не можат да видат дека во суштина тие не само што не ги регулираат и контролираат „дозите на медиумска дрога“ туку општествените наркотици во последните години интензивно ги „дилаат“ и на оние групи што беа природно заштитени од неа! Како што беа глувите и наглувите – на пример, кои не можеа од здравствени причини да ги консумираат „дрогите“ и така останаа на дистанца од зависта од ниски страсти, а со тоа и беа неподложни на оглупавување! Сега секоја година нè тераат да создаваме нови и иновативни технички и содржински можности и тие да можат да го консумираат медиумскиот џанк што им се сервира – бесплатно, како грижа на државата за нивното здравје! Во ова земја, по сè, единствени што можат да нè поведат кон некаква иднина се – слепите!
Каква иронија, драги мои? Ама, во секој трн има и понекој цвет, па сѐ порестриктивните мерки што ААВМУ ги применува кон приватните национални телевизии (по налог на државата, секако!) во однос на производите и услугите што можеме да ги рекламираме, како што се игри на среќа, банки, кредити, алкохол, казина, дополнително ќе ги намалат приходите на телевизиите од огласи, а дополнителните тарифи од Законот за сродни права, уште повеќе ќе го забрзаат нивното умирање! Ако на тоа додадеме и дека се заоструваат критериумите за категоризација на содржините, тогаш ААВМУ на крајот од ова мачна приказна навистина може да биде онаа институција што најпосле ќе почне да си ја врши функцијата и ќе го реши проблемот со приватните национални телевизии – со тоа што ќе го организира нивното пропаѓање! Нашата пропаст, драги мои, според мене, е најдоброто, а веројатно и единствено решение за проблемот! Дали може да направиме нешто за да го запреме ова пропаѓање? Без општествена поткрепа? Без силата и решителноста на државните и општествените центри на економска и политичка моќ – не! Не може никој. А не, пак, кутриот јас. Затоа што не е ова личен проблем. Ова е проблем на општеството и државата. А јас не сум ниту Луј, а ниту Бонапарта, колку што знам за себе?! Дали ова е очај? Дали ова е дефетизам? Не знам. Се надевам дека не е. Долги години пишувам јавно. Анализирам. Нудам решенија. Дали нешто сум успеал да променам? Се борам со одговорите на овие прашања. Секој ден. Дали ќе продолжам да зборувам? Да. На секој народ му е потребен глас на тишината.

Јани Бојаџи

Авторот е режисер и професор на Универзитетот „Еуропа прима“