Премиерот Христијан Мицкоски најави нов инвестициски бран во здравството и образованието, истакнувајќи дека во тек се повеќе капитални проекти кои треба значително да ги подобрат условите за лекување и образование во земјата.
Одговарајќи на новинарско прашање по повод отворањето на нови хируршки сали, Мицкоски посочи дека Владата работи на обезбедување финансиска поддршка од меѓународни институции за реализација на неколку клучни здравствени проекти.
– Во тек е процесот на барање поддршка од меѓународни финансиски институции за конечно завршување на Клиничката болница во Штип, заедно со Медицинскиот факултет и студентскиот дом таму, како и за завршување на болницата во Кичево и реконструкција на Клиничката болница во Тетово – изјави Мицкоски.
Тој очекува процесот на обезбедување финансии да заврши во текот на овој месец, по што ќе започне следната фаза на реализација.
– Реновирањето и изградбата на сите овие проекти ќе бидат нешто што досега е невидено во Македонија – нагласи премиерот.
Покрај здравството, Мицкоски информираше дека паралелно се реализираат и значајни инвестиции во образовната инфраструктура.
– Преку Министерството за образование во моментот се работат околу 30 проекти со вредност поголема од една милијарда денари – изградба и реконструкција на училишта, спортски сали и студентски домови – посочи тој.
Премиерот додаде дека целта на Владата е да обезбеди подобри услови за наставниот кадар, како и поквалитетно образование за учениците и студентите, истакнувајќи дека овие инвестиции се дел од поширока стратегија за развој на клучните сектори.






























