Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека денес се очекуваат нови цени од Регулаторната комисија за енергетика на горивата и каков ефект се очекува од намалување на акцизата на горивото, изјави дека по вчерашната одлука на Владата, овозможиле РКЕ да ги намали акцизите.
– Па ние со вчерашната одлука на Влада, практично овозможивме да Регулаторната комисија денеска ги намали акцизите за дизелот од 4 денари по литар, а за бензините 2 денари по литар. Исто така во разговор со ОКТА, лично разговарав и со раководството на ОКТА во Атина, но и со раководството на, односно со „Хеленик Петролеум“ и ОКТА тука во Скопје и успеавме да обезбедиме дополнителен период од месец дена за оние 3 денари за литар дизел и 2 денара за безоловен. Кога сето ова ќе се стави во функција, тогаш за бензините треба да имаме и поевтина цена од таа којашто е сега. А за дизел горивата, не би требало да имаме, на одредени бензински пумпи, покачување и покрај тоа што имаме озбилна, предизвикувачка состојба во државата, но не само во државата, насекаде низ светот – рече тој.
Мицкоски додаде дека количините се стабилни.
– Од аспект на количини сме стабилни, имаме доволни количини, тука не треба да имаме никакви стравувања. Зголемена е потрошувачката, зголемен е конзумот од негде милион и пол на ден литри, на два милиона литри. Имаме притисок на одредени погранични места. Ја продолживме и мерката од 18 на 10 проценти ДДВ, сè со цел да го заштитиме и стандардот на граѓаните и бизнисите, се разбира. Она коешто претставува наша цел е да бидеме фактор на стабилност. И тоа го правиме. Онаа Македонија којашто коленичеше и молеше, верувале или не, повеќе не постои. Сега имаме Македонија којашто помага, од којашто бараат помош, којашто рефлектира стабилност во регионот, којашто е фактор на стабилност, зрелост, тоа е многу важно. И на тој начин ќе се однесуваме како Влада и во иднина. И ќе ја следиме состојбата – рече тој.
Мицкоски додаде дека продуктите ја намалуваат својата цена.
– Утринава откако стартуваа берзите на Исток, постепено продуктите ја намалуваат својата цена. Но, да видиме како ќе затвори денот и да видиме како ќе затвори неделата, за да можеме да имаме некаков репер околу цената на берзите. Да знаеме и какви ќе бидат цените на производите, односно дизел горивото и безоловниот 95 и 98 октански – истакна тој.






























