• Иако Велмевци подолг период административно припаѓаше во „прегратките“ на кичевската општина, неговите жители секогаш се чувствувале и живееле на демирхисарски начин. Тоа го потврдува и местото на погребот на херојскиот демирхисарски војвода Јордан Пиперката, чија револуционерна историја е „крунисана“ со исполнување на неговата лична желба да биде погребан на месноста
    Черешна во Велмевци. Како што рекол Пиперката, „да можам од ова место да го гледам цел Демир Хисар“

Приказната за фудбалот во Велмевци започнува уште во времињата кога селото сè уште живеело во тивки ритми на секојдневието. Првата фудбалска топка пристигнала во 1909 година, носејќи со себе нов дух на игра, дружба и забава за младите велмешани. Тие веќе тогаш покажувале силна љубов кон играта, создавајќи ги првите искри на спортскиот дух, долго пред да стане тоа дел од пошироката македонска сцена. Врз овие искри подоцна се изградил локалниот клуб Славија, кој ќе го води селото низ раните чекори на организираниот спорт и ќе остави трага што ќе се памети со децении.
Но пред да го развијам другиот дел од приказната, би сакал да споделам претстава дека повоените почетоци на организираниот фудбал во демирхисарскиот крај се врзуваат за 1948 година – време кога спортот постепено започнува да добива поцврста форма и значење во секојдневието на луѓето. Во спомените на повозрасните демирхисарци се среќаваат сеќавања дека првите форми на организиран спортски живот, иако скромни, се појавиле токму во почетните поствоени години. За жал, многу се оскудни усните, писмените и фотографските документи, кои би можеле подетално да ја прикажат оваа важна историска сторија за спортот во Демир Хисар. Постојат фотографии, но тие обично илустрираат фудбалски состави што функционирале речиси во сите рамничарски села, и тоа од релативно подоцнежен период, што не секогаш може целосно да се вклопи во приказната за раните повоени години. Постои и една фотографија од ФК Демир Хисар од 1956 г., но, за жал, ретко и дали воопшто постои некој жив сведок што ќе ги препознае младите фудбалери од пред 70 години.
Токму затоа, секој зачуван документ од овој период има особена вредност. Еден таков е исечокот од весник (најверојатно „Нова Македонија“) со наслов „Редок јубилеј“, објавен на 13 август 1958 година, кој сведочи за постоењето и активностите на фудбалскиот клуб Славија од селото Велмевци (тогаш кичевско). Овој исечок претставува редок и значаен историски извор, кој овозможува увид во раниот развој на фудбалот во руралните средини.

Иако Велмевци подолг период административно припаѓаше во „прегратките“ на кичевската општина, неговите жители секогаш се чувствувале и живееле на демирхисарски начин. Тоа го потврдува и местото на погребот на херојскиот демирхисарски војвода Јордан Пиперката, чија револуционерна историја е „крунисана“ со исполнување на неговата лична желба да биде погребан на месноста Черешна во Велмевци. Како што рекол Пиперката, „да можам од ова место да го гледам цел Демир Хисар“.
Од самиот текст може да се согледа дека фудбалот во тоа време, иако веќе институционално развиен на пошироко ниво, во селските средини сè уште се одвивал во скромни услови, потпирајќи се пред сè на ентузијазмот и посветеноста на локалното население.

Клубот Славија се појавува како носител на таа спортска енергија, а одбележувањето јубилеј укажува на постоење на континуитет, што претставува реткост за едно село во тој период.
Текстот индиректно ја открива и пошироката социјална улога на фудбалот. Натпреварите не биле само спортски настани туку и важни моменти на собирање, дружење и зацврстување на заедништвото. На тој начин фудбалот станува значаен дел од културниот и општествениот живот, надминувајќи ја својата основна спортска функција.
Од раните допири со играта до организираното функционирање по Втората светска војна, приказната за фудбалот во Велмевци се развивала низ децении, доведувајќи до создавање клуб што активно дејствувал во 50-тите години на 20 век. Во чест на раниот почеток, селаните подоцна изработиле и поставиле мал, но симболично значаен споменик – мермерна фудбалска топка, сместена на селската чешма во центарот на селото. Овој белег и денес стои како тивок сведок на долга традиција – љубовта кон фудбалот и амбициите на генерациите што го граделе спортскиот дух во заедницата.

Така, и покрај недостигот од пишани извори и исчезнувањето на живите сведоштва, приказната за фудбалот во Велмевци и пошироко во демирхисарскиот крај продолжува да живее – преку ретките документи, народното предание и скромните, но значајни траги што времето не успеало да ги избрише.
Трагично е што, за жал, Велмевци, едно од најубавите и најреволуционерни села во Демир Хисар, последниве децении ја одживува судбината на повеќето села од демирхисарското горноселие. Но потомците на старите велмешани, препознатливи по својата приврзаност кон родните корени, често се враќаат во селото – го уредуваат, преуредуваат, разубавуваат… Селото, живо и без своите постојани жители, сепак пулсира преку цела година, особено во летните месеци, кога е преполно со народ. Тоа е убав пример што треба да го следат сите иселеници што одамна ги напуштиле своите родни огништа и заборавиле на своите корени.

Автор: Благоја Шундовски