Фото: ЕПА

ЕВРОПА ВО ЕНЕРГЕТСКА И СИСТЕМСКА КРИЗА: ВРАЌАЊЕ КОН ЕВТИНИТЕ РУСКИ ЕНЕРГЕНТИ?!

  • Белгискиот премиер Барт де Вевер јавно повика на отворање преговори со Русија. И тоа не само за завршување на војната во Украина туку и за нормализација на односите со Москва, со цел обезбедување поевтина енергија. Според него, „зад затворени врати многу европски лидери ја делат оваа позиција, но немаат политичка храброст да ја изразат јавно“! Тој нагласува дека сегашната стратегија на ЕУ за воена поддршка за Украина и економски притисок врз Русија не дава доволни резултати без силна американска поддршка

Европа се соочува со сè подлабока енергетска неизвесност, проследена со раст на цените на горивата, инфлација и закани од реален недостиг од енергенти. Овие процеси не се изолирани, ниту се инцидентни. Тие се дел од поширока, повеќеслојна криза што ги зафаќа индустријата, економијата и политичката стабилност на Европската Унија. Сè повеќе аналитичари предупредуваат дека комбинацијата од геополитички тензии, санкции и ограничени извори на енергија доведува до долгорочно слабеење на европската конкурентност. Дополнителен ризик претставува и енергетскиот шок поради нестабилноста на Блискиот Исток.

Поделби во ЕУ: Реален почеток на дијалог со Москва или продолжување на изолацијата?

Во тој контекст, белгискиот премиер Барт де Вевер јавно повика на отворање преговори со Русија, не само за завршување на војната во Украина туку и за нормализација на односите со Москва, со цел обезбедување поевтина енергија. Според него, зад затворени врати многу европски лидери ја делат оваа позиција, но немаат политичка храброст да ја изразат јавно. Тој нагласува дека сегашната стратегија – воена поддршка за Украина и економски притисок врз Русија – не дава доволни резултати без силна американска поддршка. Неговите јавно изразени ставови беа коментирани и во самата белгиска влада. На пример, министерот за надворешни работи Максим Прево по истото прашање истакна дека „дијалогот е неопходен“, но предупреди дека тоа не би значело „автоматска нормализација на односите“.

Енергетската политика на ЕУ: Меѓу идеолошките принципи и реалноста

Европската комисија, преку комесарот за енергетика Дан Јоргенсен, останува на ставот дека намалувањето на зависноста од руските ресурси е стратешки приоритет. Но реалноста на енергетскиот пазар ја усложнува оваа политика. Зголемените тензии на Блискиот Исток, како и можните прекини во снабдувањето, ја прават Европа особено ранлива. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто веќе предупреди дека санкциите можат да имаат сериозни последици врз европската економија, особено во услови на глобално намалена понуда. Анализите на европските медиуми укажуваат дека евентуален продолжен конфликт на Блискиот Исток би можел да предизвика и почести и подолготрајни прекини во снабдувањето со енергија, па потоа раст на цените на храната, поскапо задолжување, пад на индустриското производство и, секако, нов бран инфлација. Германскиот канцелар Фридрих Мерц предупреди дека ваквата криза може да биде еднакво сериозна како пандемијата или почетокот на војната во Украина.

Штедење, рестрикции и притисок врз граѓаните

Во обид да се справи со кризата, Брисел веќе најавува мерки за штедење. Имено, „Нова Македонија“ веќе пишуваше за ваквите предлози на ЕК од типот помала потрошувачка на енергија, ограничување на транспортот и намалена употреба на авионски летови итн. Овие мерки директно влијаат врз секојдневниот живот на граѓаните и врз повеќе стопански гранки и сектори, и тоа стагнирачки и негативно. Паралелно, поврзано со потребите од енергијата, се поставува и прашањето за „одржливоста на амбициите за засилено вооружување на Европа“. (милитаризмот на ЕУ). Имено, наменската воена индустрија бара огромни количества евтина енергија, ресурс што станува сè понедостапен. А Европската Унија се соочува со тежок финансиски товар од поддршката за Украина. Според процените, без нови кредити, украинскиот буџет би можел да се соочи со сериозни проблеми во блиска иднина. Истовремено, анализите сугерираат дека војната може да трае уште една-две години доколку не дојде до суштински промени во преговарачкиот процес. Значи, енергетските ресурси повторно се во центарот на кое било сценарио.

Европа во тешка криза за донесување одлуки и криза на лидерство

Европа денес се соочува не само со енергетска криза туку и со криза на стратегија и политичка одлучност. Балансот помеѓу вредностите, геополитичките интереси и економската реалност станува сè потежок. Клучното прашање што останува е дали европските лидери ќе најдат прагматичен излез од оваа сложена ситуација или континентот ќе продолжи да се движи кон продлабочување на кризата со далекосежни последици за неговата економија и граѓани. С.Т.


Колку навистина се издржливи стратешките резерви на ЕУ?

Прашањето за нафтените резерви во Европската Унија повторно избива на врвот на агендата, откако воените дејства на Блискиот Исток сериозно го загрозија глобалниот синџир на снабдување. Брисел веќе не стравува само од енормно високи цени туку и од реалната опасност од недостиг од клучни деривати, како дизелот и авионското гориво. Како што пренесува „Евроњуз“, 20 земји членки веќе партиципираа со 91,7 милион барели во рамките на координираната акција за ослободување вкупно 400 милиони барели, иницирана од Меѓународната агенција за енергија на 11 март. Експертските процени упатуваат дека овие количества, при сегашниот интензитет на потрошувачка, би можеле да се користат околу пет месеци.
Сепак, суштината не е во тоа дека Европа е целосно незаштитена, туку во фактот дека таа заштита има свој дефиниран рок на траење. Од Европската комисија потсетуваат на обврската земјите членки да одржуваат итни резерви во висина од најмалку 90 дена нето-увоз или 61 ден потрошувачка (во зависност од тоа кој параметар е повисок), додека Брисел има задача да ја менаџира заедничката реакција во услови на криза. Тоа практично значи дека системот е дизајниран да „купи време“ за дипломатија и приспособување, а не бесконечно да ги амортизира штетите од перманентен геополитички шок. Во стабилни времиња тоа е сигурен безбедносен појас, но во случај на долготраен регионален конфликт, тој станува лимитиран тампон што бара исклучително внимателно управување.
Податоците на „Евроњуз“ покажуваат дека дневните потреби на Унијата изнесуваат околу 10,5 милиони барели. Покрај стратешките резерви, во складиштата моментално се депонирани околу 270 милиони барели сурова нафта, кои по процесот на преработка би покриле приближно три недели од вкупната побарувачка. Токму тука се наѕира вистинската ранливост: аналитичарите од „Оксфорд економикс“ предупредуваат дека тековното повлекување на резервите покрива околу 6 милиони барели од дневните потреби, но тие амортизери со текот на времето ја губат својата моќ. Во сценарио на пролонгирана војна, оваа фирма предвидува дефицит од околу 2 милиони барели дневно, со можност тој јаз до шестиот месец драматично да се прошири дури до 13 милиони барели на ден.
Оттука, дилемата околу траењето на европските нафтени резерви не е само техничка туку пред сè длабоко политичка и економска. Доколку кризата биде краткотрајна, Европа поседува доволно маневарски простор да ја превенира паниката и да го задржи пазарот под контрола. Меѓутоа, ако прекините во снабдувањето потраат, резервите ќе останат само привремена бариера пред еден многу посилен удар врз транспортниот сектор, индустриското производство и животниот стандард на граѓаните. Со други зборови, ЕУ поседува солиден штит, но тој не е трајно решение доколку Ормускиот Теснец и конфликтот на Блискиот Исток останат отворена енергетска рана за светот. С.Т.