Дали Трамп на Блискиот Исток води војна и против неолибералните глобалисти, депласирајќи ги нивните зелени енергетски политики?
- Анализирајќи ја тезата дека Доналд Трамп во конфликтот со Иран, меѓу другото, сакал и практично да покаже дека преголемата зависност од алтернативни (зелени) извори е ризична и недоволно сигурна (како што многупати до судирот во Иран вербално се искажуваше во јавноста за тоа), тогаш овој потег на Трамп на Блискиот Исток добива сосема поинаква димензија. Не како изолиран воен авантуризам, туку како геоекономска демонстрација во пракса, од областа на енергетиката, со прилог на „емпириски доказ во живо“ дека зелените енергетски агенди на либералите не можат да носат одржлив развој
- Трамп ја враќа геополитиката на голема врата, а со енергетската реалност за сè уште есенцијалните потреби на базните енергетски ресурси за земјите и светот ги руши „идеолошкиот концепт и доктрина на либералниот Запад“, вклучувајќи ги и глобалните политики на т.н. „зелена агенда“, која со војната на Блискиот Исток падна во вода, оставајќи впечаток дека сè уште е прерано за тоа носители на стопанскиот развој да бидат зелените енергии…
Во свет во кој климатските политики сè повеќе се претставуваат како цивилизациски императив, евентуалниот воен судир меѓу САД и Иран отвора едно непријатно, но суштинско прашање:
Дали зелената енергетска транзиција е доволно стабилна да издржи сериозен геополитички шок?
Ако се анализира тезата дека Доналд Трамп со ескалацијата на конфликтот со Иран, меѓу другото, сакал да покаже дека преголемата зависност од алтернативни извори е ризична и недоволно сигурна, тогаш овој потег добива сосема поинаква димензија. Не како изолиран воен авантуризам, туку како геоекономска демонстрација на неговата теза за неопходност од базните енергетски ресурси.
Енергетскиот реализам против „идеологијата за енергијата“
Зелената агенда, поддржана од либералните елити, долго време се темелеше на претпоставката дека светот може релативно брзо да ја намали зависноста од базните енергетски ресурси, а особено од фосилните горива. Но оваа претпоставка игнорира една клучна реалност. Имено, енергијата не е само економска категорија туку и инструмент на моќ. Во услови на конфликт на Блискиот Исток, каде што се концентрирани значителен дел од светските резерви на нафта и гас, пазарите реагираат моментално. Цените растат, синџирите на снабдување се нарушуваат, а државите повторно се враќаат кон сигурните, релијабилни базни енергетски ресурси (иако квалификувани како „нечисти, загадувачки“ извори на енергија).
Но токму тоа ја разоткрива ранливоста на енергетската зелена транзиција. Имено, „зелената агенда“ можеби некако и би функционирала во стабилни услови, но под притисок на криза (како што е тековната на Блискиот Исток), системот се враќа на востановените патеки што носат резултат – сигурна енергија од базните ресурси.
Енергетската безбедност и енергетскиот суверенизам како приоритет
Во време на војна приоритетите се менуваат. Наместо декарбонизација, во фокус доаѓа енергетската сигурност. Наместо инвестиции во долгорочни зелени проекти, државите се вртат кон итни решенија, често базирани на базни извори на енергија што до скоро биле носители на снабдување со домашна енергија за граѓаните и националните економии и индустрии.
За издвојување е впечатокот дека токму тоа создава еден интересен парадокс. Имено, „колку повеќе неолибералната идеологија наметнува со сите свои расположливи механизми на принуда да се избега од нафтата, толку повеќе светот потсетува колку е зависен од неа“.
Во тој контекст, тезата дека „зелената агенда е недоволно отпорна на геополитички шокови“ добива на тежина и се потврдува како точна теза односно констатација. Не затоа што алтернативните (зелените) извори се неефикасни, туку затоа што нивната инфраструктура сè уште не е доволно развиена за да ја замени постојната. А тоа не се однесува само на помалите и посиромашни држави туку се покажува како факт и кај некои од поразвиените држави и се практикува како алатка за „идеолошко превоспитување“.
Војна без јасен излез е преголем ризик
Можеби најголемиот проблем не е самата војна, туку отсуството на јасна стратегија за излез. Историјата покажува дека конфликтите на Блискиот Исток ретко имаат брз и одлучувачки крај. Доколку нема „победничка формула“, тогаш остануваат само две опции. Првата опција би бил долготраен, исцрпувачки конфликт, а втората опција би била стрмоглава, нагла и опасна ескалација.
Меѓутоа, заеднички именител на двете сценарија е дека „двете опции имаат сериозни последици, со стравотен притисок врз енергетските пазари“, а со тоа и „ескалација на енергетска криза што може да прерасне во поширока економска рецесија“! Тоа е колосална закана за криза од невидени размери, во чија основа се всушност класичните енергетски ресурси!
Во такви услови зелената транзиција не само што забавува туку ризикува да стане политички неодржлива!
Крај за зелените алатки за принуда?
Ако оваа криза нешто покажува, тоа е дека енергетската политика не може да се води исклучиво врз основа на идеолошки цели. Потребен е баланс меѓу одржливоста и сигурноста. Светот можеби навистина се движи кон зелена енергија, но тој пат не е ниту прав, ниту брз, ниту безболен. И секој геополитички потрес го потсетува системот на неговите слабости. Во таа смисла, ако оваа војна навистина има „скриена порака“, тогаш таа е следната: Енергетската (зелената) транзиција без геополитичка стабилност е ранлива конструкција. А токму стабилноста денес изгледа како најдефицитарен ресурс во светот. Затоа, алатките за принуда на центрите на моќ, за тоа земјите (особено оние понеразвиените или земјите во развој) да мора да ги применат методите на зелената транзиција, треба да се стават во мирување. Нивното постепено враќање би било по глобалните кризи предизвикани од регионалните војни, исто онака како што би требало да биде постепено откажувањето од фосилните горива, особено кај посиромашните земји, а не под притисок и со ултиматуми. Е.Р.






























