Од ракометното минато (18)
- Работнички помина низ сите искушенија и во првата прволигашка година забележа солиден пласман, седмо место. Средствата и понатаму беа голем проблем за нормално живеење на клубот
Влегувањето на Работнички во Првата сојузна ракометна лига претставуваше голем успех и остварување на дамнешната желба да се натпреварува со најсилните југословенски ракометни екипи. Но токму овој успех исфрли на површина многу недостатоци во клубот, поврзани со неговата натамошна егзистенција. Пред да го остварат големиот успех, луѓето што го водеа Работнички и не помислуваа какви сѐ потреби ќе произлезат со здобивањето на прволигашкиот статус. Тие не беа свесни оти за да се издржи напорниот прволигашки пат и да се опстане во елитата ќе треба многу повеќе средства одошто претпоставуваа. Од сите потреби што беа поврзани со прволигашкиот живот, единствено што имаше сигурно обезбедено РК Работнички тоа беа гратис билети за воз, втора класа, за да може да се стигне до саканата дестинација. Другиот дел од парите, кој не беше нималку мал, требаше допрва да се обезбедува. Иако сите спортски, особено ракометни работници, беа пресреќни од влегувањето во најелитното друштво, сега беа исправени пред голем проблем, на кој начин да се обезбедат средствата за да се издржи напорниот прволигашки живот.
Проблемот со финансиите се појави веќе во првите денови по успешно одиграните квалификации. На најголеми маки, сепак, беше тренерот Славко Матовски, кој имаше подготвено една обемна програма за подготовки, која уште во почетокот не можеше целосно да се реализира. За вообичаените подготовки беа потребни прилично средства, кои немаше шанса да се обезбедат, па така сѐ се сведе само на 10-дневни заеднички подготовки на екипата пред почетокот на прволигашките борби. Но тоа не беше ништо ново, во РК Работнички веќе беа навикнати на таков живот.
Книгата на Славко – вистинско богатство
Со оглед на тоа што сезоната 1958/1959 беше прва за еден македонски клуб во Првата сојузна лига во мал ракомет (претходно една сезона Работнички беше член на лигата во голем ракомет), ќе опишам како изгледаа првите настапи. Овде повторно ќе користам и вистинити податоци изнесени во книгата на Славко Матовски. Тој со ова, би рекол, книжевно дело навистина остави едно големо богатство, кое ако не беше забележано од него, ќе беше заборавено и, како што вели народот, нема да се знаеше ниту почетокот ниту крајот. За да не дојде до таква ситуација, Славко ги регистрира сите моменти, па дури ги имаше забележано сите резултати во прволигашките натпревари со составот на тимот и со стрелците на головите. И јас се занимавам со историјата на македонскиот спорт, но во педантноста со која Славко го правеше тоа, ми се чини никој не му беше рамен. Тој зад себе остави една податлива и сериозна книга посветена на еден од најпопуларните спортови. Нема да згрешам ако кажам дека неговата книга претставува вистинско богатство, зашто таа преку претставување на тогашните актери нѐ води низ минатото на овој популарен спорт, и тоа во еден период од 50 години, од 1952 до 2002 година. Немам зборови, освен секоја чест за делото на покојниот Славко Матовски.
Па, сега да тргнеме кон она што го најавив погоре, а тоа е прволигашкиот пат во премиерната година на Работнички во сојузната лига. Ова го правам од проста причина да се запамети и види каков беше оној вистинскиот почеток на ракометниот спорт, кој, според резултатите на меѓународната сцена и учествата на големите приредби, може слободно да кажеме оти е спорт број еден во Македонија.
На нишан на девет екипи
Новите прволигаши, тоа е веќе вообичаено не само тука, туку во сите екипни спортови, секогаш се гледаат како „жртви“ на староседелците. Како нов прволигаш, и во Работнички стравуваа токму од тоа. Првата лига донесе голема радост, но таа беше и голем залак за „железничарите“, зашто во клубот и не беа свесни за она што ги очекуваше. Стравот од иднината беше присутен, но, сепак, имаше и искра надеж, зашто сепак од дотогашните настапи се виде дека Работнички во своите редови има квалитетни играчи, кои настапија и во дресот на репрезентацијата на Југославија во голем ракомет – С. Матовски и Драган Геровски-Дале. Тоа беше показател што го потиснуваше стравот, а ја враќаше вербата во сопствените сили. Впрочем, скопјаните беа познати по тоа што и кога пред себе имаа тежок пат, со настојчива работа и љубов кон клупскиот дрес ги совладуваа сите пречки. Така беше и сега, предводени од група ентузијасти во Управата клубот тргна по патот на неизвесноста.
Инаку, да споменам оти тогашната Прва сојузна лига во мал ракомет (сѐ уште, па и многу потоа новата игра беше нарекувана мал ракомет) ја сочинуваа десет екипи. Покрај новолигашот Работнички, тука беа Партизан од Бјеловар, Црвена звезда и Железничар од Белград, Младост, Загреб и Локомотива од главниот град на Хрватска, потоа Партизан од Лесковац, Млада Босна од Сараево и Борац од Бања Лука. Во оваа конкуренција сите беа свесни оти скопјаните ќе имаат тешка задача да го зачуваат прволигашкиот статус. Но предавање немаше. кога веќе се стигна дотука мораше да се игра. И така беше, Работнички и покрај финансиските проблеми што го мачеа и што им беше на нишан на поискусните екипи, храбро тргна во битка со ривалите.
Старт со победа над фаворитот
Според ждрепката, во првиот прволигашки натпревар Работнички требаше да игра во Скопје, против актуелниот првак од минатогодишното првенство, Загреб. Интересирањето за средбата беше огромно, па иако клупското игралиште уште не беше доизградено (некои од трибините не беа дооформени) се собраа околу 3.000 гледачи. Сите тие, како и целата македонска спортска јавност, со нетрпение го очекуваа стартот на своите нови миленици. Велам нови, зашто дотогаш само Вардар беше оној што им ги грееше срцата и се натпреваруваше во Првата сојузна лига. Сега, на потег беа ракометарите предводени од својот тренер, истовремено и играч Славко Матовски. Во тој тим на Работнички, кој ја имаше честа прв да го пробие прволигашкиот мраз, покрај Славко се наоѓаа уште Јовановиќ, Кратовалиев, Георгиевски, Никола Матовски (помладиот брат на Славко), Томановиќ, Д. Ивановски, Б. Ивановски, Куновски, Јелачин и Маерле. Меѓу овие ракометари имаше искусни играчи, како Куновски, Кратовалиев и С. Матовски, но и млади, кои уште во почетокот од својата кариера покажаа дека се квалитетни и треба да се верува во нив. Меѓу помладите да ги споменам Никола Матовски, Теофил Томановиќ и Виктор Маерле. Првите двајца потоа настапија и за југословенската репрезентација, а Маерле беше играчот што го лансира ударот „ерет“.
Сега се очекуваше да се види дали стартот ќе биде успешен или разочарувачки. За среќа, ракометарите на Работнички, понесени од публиката, уште во почетокот на мечот покажаа оти нема да бидат „топовско месо“ на противникот. Напротив, со организирана и брза игра, Загреб беше изненаден и победен со 20-14. Тоа ретко кој го очекуваше. Но ете се случи, за радост на гледачите и на сета спортска, не само ракометна, публика во Македонија. Голот на загрепчаните постојано беше торпедиран од ударите на Куновски, кој постигна дури седум гола, и од Кратовалиев, кој пет пати ја затресе противничката мрежа. Ова беше почеток за охрабрување, почеток со кој беа отфрлени сомнежите оти скопјаните само ќе се „дават“ во прволигашките води. Но не беше така, Работнички со победа тргна по тешкиот и неизвесен пат.
Мразот беше скршен, но ова беше само почеток, маките допрва доаѓаа. Веќе во второто коло Работнички го очекуваше повторно дуел со една загрепска екипа. На гостински терен тој се сретна со Младост, екипа во која најистакнати поединци беа репрезентативците Штенцл и Џери. Скопјаните навистина загубија со 16-9, но во еден тежок натпревар, полн со грубости од домашните играчи. Најмногу од тие грубости настрада Коле Матовски, кој практично во еден момент кога скокна да бие од крилната позиција беше фрлен надвор од теренот и заврши во железната ограда зад голот. Сето ова го толерираше загрепскиот (домашниот) судија Грегуриќ, По овој немил настан, на скопјаните сѐ им беше јасно, немаше што да бараат во овој натпревар, во кој делителот на правдата покажа на чија страна ќе биде.
Тренерот Славко Матовски беше разочаран од некоректноста на судијата Грегуриќ, а во изјавата за Радио Загреб, која му ја даде на тогаш познатиот радиски, а подоцна телевизиски коментатор Младен Делиќ, ја осудил ваквата арбитража. Тој меѓу другото низ изјавата се обратил до југословенскиот ракометен форум повеќе да не делегира вакви судии, туку натпреварите да ги водат чесни арбитри. Истото тоа, како заклучок на изјавата на Славко, го кажал и Младен Делиќ, чиј збор со оглед на неговата голема популарност – имаше голема тежина.






























