Независниот академски синдикат (НАкС) реагира на предложениот пакет закони за високо образование и наука, барајќи од Министерството за образование и наука (МОН) да го продолжи процесот на јавна дебата, со цел да се избегнат, како што велат, „непоправливи штети“ врз системот.
Од НАкС информираат дека доставиле забелешки за сите три нацрт-закони, но дека значаен дел од нив не биле прифатени, а предложените решенија во суштина останале непроменети. Според синдикатот, предложените измени сериозно ја загрозуваат универзитетската автономија, преку пренесување на надлежности од независните тела кон МОН.
Синдикатот предупредува дека ваквите законски решенија оставаат простор за политичко влијание врз кадровските политики, финансирањето и управувањето со високообразовните установи. Посебно се критикува централизацијата на одлучувањето и зголемената улога на извршната власт во функционирањето на универзитетите.
Во однос на критериумите за избор во наставно-научни и научни звања, НАкС оценува дека тие се нереално поставени и тешко достижни, особено за младиот кадар, без соодветни услови за работа и финансирање. Наместо зголемување на квалитетот, предупредуваат дека ваквиот пристап може да доведе до одлив на млади научници и слабеење на академската заедница.
Дополнително, синдикатот посочува дека во Законот за научноистражувачка дејност нема јасна стратегија за континуирано и предвидливо финансирање на науката, што го доведува во прашање спроведувањето на поставените стандарди.
Како проблем се наведува и предложеното формирање на нова Агенција за квалитет, во која МОН ќе има директно учество, што, според НАкС, не е во согласност со европските стандарди за независност.
Синдикатот бара од МОН да организира дополнителни консултации и средби со засегнатите страни, со цел да се изнајдат решенија што навистина ќе придонесат за унапредување на квалитетот на високото образование и науката.
Од НАкС нагласуваат дека остануваат отворени за соработка и конструктивен дијалог, но предупредуваат дека инсистирањето на предложените решенија во сегашната форма може да има сериозни последици врз развојот на академскиот сектор во земјата.
































