Протест пред Владата во Тирана доцна попладнево одржаа албанските мигранти, кои упатија пораки против криминалот, корупцијата и сиромаштијата во земјата, пренесува МИА.
Како што најави организаторот Генц Сејко, протести ќе одржат и во наредните два дена.
Ним им се придружија и група студенти, како и жителите од населбата „Астир“, кои 55 дена протстираат против одлуката на Владата да се урнат нивните домови поради изградбата на големата обиколница во Тирана.
Мигрантите се заложија за формирање нова „националистичка партија, на која и гори срцето за Албанија“.
– Неопходно е да се формира партија,чие срце гори за Албанија. Националистичка партија чие единствено име е „Албанец“. Не ни треба премиер како Рама, ниту премиер како Баша. Поголемот број од мигрантите не доаѓаат да гласаат на избори,зашто велат нема за кого да гласаат. Затоа упатуваме апел да се формира националистичка партија. Нема друг излез. Така Америка го изгласа Доналд Трамп, кој беше само бизнисмен и не беше вклучен во политика, но му гореше душата за Америка, сметаат албанските мигранти, кои во татковината се по повод божиќните и новогодишни празници.
Управата на полицијата во Тирана не даде дозвола за одржување на протестите со образложение дека вакви актвности во споменатите денови, во различни интервали е неможно, зашто се попречува нормалното движење на возилата на институциите за брзи интервенции, јавниот транспорт и возилата во приватна сопственост.
Затоа пак албанскиот претседател, Илир Мета, рече дека ширум ги отвора вратите на претседателската резиденција за дијаспората да ги одржи планираните протести во нејзиниот двор.