Со поставување на камен-темелникот на 400 киловолтниот далекувод од ТС „Битола 2“ до македонско-албанската граница, денеска беше означен почетокот на еден од најзначајните енергетски проекти во земјава, кој има стратешко значење за електроенергетската поврзаност и стабилност.
Станува збор за капитална интерконекција која ќе ја заокружи електроенергетската мрежа на Македонија со сите соседни земји и ќе ја зацврсти позицијата на државата како важен партнер во регионалниот енергетски систем.
На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за енергетика Сања Божиновска, албанскиот министер за енергетика Енеа Каракачи, како и претставници на ЕБОР, Европската Унија, МЕПСО и локалните власти.
Министерката Божиновска истакна дека проектот претставува клучен чекор кон модернизација на енергетската инфраструктура и зголемување на капацитетите за пренос.
– Со 400 киловати интерконективниот далекувод ја засилуваме преносната мрежа, го зголемуваме капацитетот за пренос и ја зацврстуваме нашата позиција во регионалните енергетски текови. Овој проект е силна порака до инвеститорите дека Македонија е подготвена за зелена транзиција и нова економија – истакна Божиновска.
Проектот ќе овозможи поголема сигурност во снабдувањето со електрична енергија, подобра интеграција на обновливите извори и зголемена отпорност на системот, а воедно ќе го затвори последниот недостасувачки сегмент од националната преносна мрежа.
Според надлежните, 51,2 проценти од потребната опрема веќе е обезбедена, што овозможува континуитет на инвестицијата и заштита на државните ресурси.
Далекуводот ќе се протега на околу 97,5 километри на македонска територија, ќе вклучува 269 столбови, како и нова трансформаторска инфраструктура, а рокот за реализација е 900 дена, односно околу 30 месеци.
Проектот е дел од енергетскиот Коридор 8 и се реализира со поддршка на меѓународни партнери, меѓу кои ЕБОР и Европската Унија, со што дополнително се зајакнува регионалната соработка и можностите за размена на електрична енергија.
Со оваа инвестиција, Македонија прави значаен чекор кон стабилен, поврзан и одржлив енергетски систем.
































