Фото: „Нова Македонија“

Официјално Скопје меѓу првите европски престолнини со посебен формат на дијалог со новата администрација на Вашингтон

Најавениот стратешки дијалог меѓу Македонија и САД на 7 април во Вашингтон доаѓа во исклучително чувствителен геополитички момент, кога малите држави интензивно бараат начини да го зацврстат своето позиционирање во рамките на тековните тектонски промени на светскиот поредок. Во таков контекст, фактот што македонската делегација, предводена од министерот Тимчо Муцунски, ќе иницира ваков специфичен формат на дијалог со новата американска администрација отвора простор за повеќеслојни толкувања.
Од една страна, ова може да се чита како сигнал за обновен интерес на Вашингтон за Македонија (и регионот на Западен Балкан, кој, и покрај својата периферна географска позиција, останува геостратешки чувствителен).
Од друга страна, тоа е јасен показател дека Скопје се обидува проактивно да ја капитализира сопствената позиција како стабилен партнер, кој има потенцијал да понуди повеќе од класичната дипломатска лојалност.

Колосалната вредност на почетокот на новиот дипломатски стратешки дијалог

Еден факт има колосална вредност и тежина во анализата на овој процес.
Досега, стратешкиот дијалог се одвиваше во рамките на друга идеолошка матрица, односно меѓу американските демократи и македонските социјалдемократи, каде што заедничкиот именител беа либералниот концепт и доктрина, глобализацијата и губењето на националните белези заради евроатлантски интегрирања, кои останаа докрај нереализирани, а македонските жртви беа огромни. Таа рамка обезбедуваше непредвидливост, честа промена на услови за нас, но истовремено ја дизајнираше фиксната и непроменлива рамка на ултиматуми што Македонија однапред требаше да ги исполни со дефинирана динамика и идеолошки координати (на пример, во однос на прашања што беа спротивно поставени и дефинирани од перемпторните права во меѓународното право, потоа, други стандарди во политиката, на пример во економијата, енергетиката…, како и други нетрадиционални индивидуални „права и слободи“ и слични стандарди, според неолибералните критериуми различни од нашите сфаќања и концепт на перспектива и развој, што тогашните наши државни функционери беспоговорно ги прифатија, без разлика на штетните последици за државата и нацијата, за кои не може, а да не биле свесни).
Денес, ситуацијата е суштински различна.
Сега на маса седнуваат суверенистички концепти, односно политички и идеолошки модели што се темелат врз национален интерес, државен суверенитет и традиционални вредности. Ова претставува дијаметрално отстапување од претходниот неолиберален пристап и отвора сосема нова рамка на комуникација, каде што фокусот се поместува и со вредносна усогласеност со прагматична соработка. Во таа промена се крие можеби најголемата историска шанса за Македонија.

Нова можност за редефинирање намакедонската позиција

По долг период во кој дел од јавноста перципираше дека македонскиот национален и институционален капацитет е еродиран под влијание на глобалниот либерализам и унилатерализам, новиот контекст нуди можност за редефинирање на позицијата. Не како пасивен примател на политики туку како активен креатор на билатерални односи врз основа на заемна корист.
Стратешкиот дијалог, сам по себе, не е гаранција за конкретни резултати. Тој е рамка што, ако се искористи правилно, може да се трансформира во инструмент за реална политичка, економска и безбедносна добивка.
Токму тука влегува концептот на „дипломатска капитална инвестиција“.

Зошто ова може да биде „дипломатска капитална инвестиција“?

Македонија има можност да ја операционализира постојната рамка на стратешко партнерство со САД преку конкретни и мерливи иницијативи како што се политичката поддршка во клучни меѓународни процеси, потоа енергетската диверзификација и сигурност, натаму во економски инвестиции со висок импакт, потоа безбедносни гаранции во услови на зголемени глобални ризици, како и продлабочување на соработката во науката, образованието и во здравството.
Но, клучниот момент, од друга страна е и нашата умешност да детектира и да понуди проекти и иницијативи што ќе создадат јасни бенефиции и за американската страна!
Новата американска политичка доктрина, која во значајна мера се потпира на бизнис-логика и прагматичен резон, отвора дополнителен простор за ваков пристап. Ова е дипломатија што излегува надвор од класичните рамки и бара конкретни резултати, мерливи ефекти и јасно дефинирани интереси.
Во таа смисла, идеолошкото совпаѓање со суверенистичкиот пристап, често поврзуван со концептот на „трампизам“, може да се покаже како додадена вредност во процесот на градење доверба и разбирање. Тоа не значи автоматска усогласеност, туку полесна комуникација во рамките на сличен идеолошко-политички јазик.
Оттука, посебниот формат на дијалог меѓу Скопје и Вашингтон не треба да се гледа како протоколарна новина, туку како суштинска трансформација на односите.
Ова е можност за поставување нов модел на стратешко партнерство, односно модел во кој двете страни не се само сојузници по дефиниција туку партнери по интерес, визија и капацитет за заедничко дејствување.
Доколку оваа шанса се препознае и искористи со јасна стратегија, политичка зрелост и институционална подготвеност, Македонија може да направи значаен исчекор не само во односите со САД туку и во сопственото позиционирање на глобалната сцена. Н.М.