Основно јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против три лица за тешка кражба извршена во кругот на фабриката Железара. За едно од обвинетите лица е предложена мерка притвор, додека за останатите двајца се предложени мерки на претпазливост.
Според обвинителството, во првите денови од март годинава, осомничените одзеле различни видови електрични кабли во вредност од 196.500 денари, сопственост на компанија од Кавадарци. При извршувањето на делото, тие оштетиле и кабел кој бил дел од јавната електрична мрежа, предизвикувајќи дополнителна штета проценета на околу 800.000 денари.
По товарењето на каблите во возило и обидот да го напуштат фабричкиот круг, тројцата биле забележани и веднаш лишени од слобода.
Со обвинителниот акт, јавниот обвинител до надлежниот суд доставил предлог за продолжување на притворот за еден од обвинетите, додека за другите двајца остануваат во сила претходно определените мерки на претпазливост.
































