Електроенергетскиот систем во Македонија е стабилен, изјави премиерот Христијан Мицкоски по владината седница.
Во моментов во функција се блоковите 1 и 3 во РЕК Битола, додека залихите на јаглен изнесуваат околу 80 илјади тони во Битола и 160 илјади тони во Кичево. Акумулациите се исполнети околу 40 проценти, што, според премиерот, би било доволно за производство на електрична енергија во период од околу еден месец дури и во случај на прекин на други извори.
Како главен предизвик се посочува цената на мазутот, која е поврзана со одлуките на Регулаторна комисија за енергетика. Поради тоа, Владата размислува на следната седница да донесе одлука за интервенција со околу 2.000 тони мазут за потребите на ЕСМ.
Целта на оваа мерка е да се спречи зголемување на трошоците на компанијата, што директно би влијаело врз цената на електричната енергија за домаќинствата. Според Мицкоски, состојбата во ЕСМ е нормализирана и стабилна, благодарение на подобрената хидролошка состојба и консолидацијата на рудниците.
Со најавената интервенција, Владата очекува да спречи евентуално поскапување на струјата и да придонесе за задржување на ниско ниво на инфлација и трошоци за живот.
































