Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, во рамките на проектот „ЕУрека: Читањето – семе на иднината!“, го објави македонскиот превод на романот „Крајот на патот“ од современата молдавско-романска писателка Лилјана Коробка. Преводот на македонски јазик е на Ермис Лафазановски. Тоа е потресна приказна за меморијата, љубовта и за човечката издржливост во едно од најмрачните поглавја на европската историја. Базиран на вистински сведоштва, оваа сага нè води низ личната историја на една жена што преживеала депортација, војна и глад.
Семејството на Ана Блажински, жена на речиси деведесет години, решава да ја пресели во дом за стари лица. Една од нејзините правнуки ја добива деликатната задача да ја посети и да ја убеди да ја прифати оваа одлука. Но посетата добива неочекуван пресврт. Наместо разговор за иднината, започнува враќање кон минатото. Ана почнува да ѝ раскажува за кошмарниот период од својата младост, кога била депортирана во степите на Казахстан. По ужасното патување, заедно со илјадници луѓе натискани во вагони за транспорт на стока, помислила дека конечно ќе може да ѝ се препушти на љубовта. Но наместо тоа, ја очекувале уште десет години тежок живот – во време на војна и глад. Во тие години единствена потпора ѝ биле верата во Бога и надежта дека ќе преживее. Додека прабабата ги ниже своите болни спомени, понекогаш стоплени од зраци светлина, станува јасно дека приказната е начин да се преживее, но и да се зачува вистината. Како што вели таа: „Приказната има моќ, приказната го изгонува нечестивиот, ама ја изгонува и смртта“. Што се наоѓа на крајот од патот – заборавот или вистината?
Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во состав на „Креативна Европа“ на Европската Унија – потпрограма „Култура“ и на Министерството за култура на Македонија. Книгата е достапна во книжарниците и преку дистрибутивната мрежа на издавачот.
Лилјана Коробка (1975) е молдавско-романска писателка. Родена е во Република Молдавија. Докторирала филолошки науки на Универзитетот во Букурешт. Во 2003 г. го објавила своето прво книжевно дело за кое веднаш добила две високи книжевни награди во Романија. Авторка е на неколку романи и на една монодрама. Добитничка е на стипендии и престои за уметници во Германија, Австрија, Франција и во Полска. Во нејзините дела и научни истражувања се фокусира на темите како: цензура, книжевност во егзил, идентитет, маргиналност и историска траума.































