Споредбена опсервација на идентитетот, правата и обврските на малцинствата во некои од ЕУ-членките
- Во вистинските созреани демократии, малцинските права не се доживуваат како закана за државата, како на пример Австрија. Неа ја зедовме за споредбен пример со Бугарија, која стана дел од ЕУ само поради тоа што експанзионистички Брисел тогаш ѝ даде голема специфична геополитичка важност, без да се изоди нормалниот пат на демократско созревање. И тогаш, многу системски прашања во Бугарија останаа нерешени, како на пример малцинските, бидејќи малцинствата во таа земја се оставени на маргините, без никаква можност да ги негуваат сопствениот идентитет, јазик и култура
Процесот на интеграција во Европската Унија за секоја земја подразбира кревање на нејзиниот внатрешен демократски капацитет, особено кога тоа се однесува за грижата за малцинствата на сопствена територија.
Повеќето земји членки на ЕУ го изодеа тој пат преку внатрешна демократска трансформација при пристапниот процес, за што еден од најпозитивните примери е Австрија, која иако е дел од Унијата од 1995 година, постојано продолжува да ги надградува малцинските права до ден-денес.
Последното унапредување е најавата на австриското Министерство за образование дека ќе овозможи настава на хрватски јазик во австриските училишта наместо таканаречените БКС (босански/хрватски/српски). Во Австрија, имено, во сила е препораката од 1996 година за несегрегација на децата во училиштата според етничка припадност. На почетокот на 2024 година, Министерството за надворешни и европски работи објави дека австриската покраина Штаерска од учебната 2024/2025 година ќе го воведе хрватскиот јазик како независен предмет во наставата по мајчин јазик во својот редовен училиштен систем.
Но кога некоја земја ќе стане дел од ЕУ само поради нејзината геополитичка важност, без да се изоди нормалниот пат на демократско созревање, тогаш малцинствата во таа земја се оставени на маргините, без никаква можност да ги негуваат сопствениот идентитет, јазик и култура.
Со такви предизвици се соочува македонската заедница во Бугарија, која со години бара да ѝ се овозможи основното право на здружување, на образование на мајчин јазик и на негување на автентичната македонска култура. Во полза на овие барања пресуди и Судот за човекови права од Стразбур, изрекувајќи 14 пресуди, кои Бугарија и натаму упорно ги игнорира.
– Одлуката на австриското Министерство за образование да овозможи настава на хрватски јазик во училиштата претставува пример како зрелите европски демократии пристапуваат кон чувствителните прашања за јазикот и идентитетот. Таквата позиција јасно укажува дека признавањето на јазичната посебност не значи сегрегација, туку почитување на културниот и националниот идентитет на заедниците. Во Австрија одамна постои принцип дека децата не треба да се делат по етничка припадност, но тоа не значи дека нивниот мајчин јазик треба да биде избришан или сведен на административна категорија. Напротив, со воведувањето на хрватскиот јазик како самостоен предмет, како што најави покраината Штаерска, државата испраќа порака дека јазикот е дел од човековото достоинство и културно наследство – велат добро упатени извори во европските политики за малцински права.
Според нив, токму во тоа се гледа разликата меѓу стабилните демократии и оние политички системи што не ја поминале целосно фазата на демократска зрелост.
– Во вистинските демократии, малцинските права не се доживуваат како закана за државата, туку како доказ за нејзината самодоверба и институционална зрелост. За жал, во Европа и понатаму постојат примери што одат во спротивна насока. Во Бугарија, и покрај членството во ЕУ, не се признава постоењето на македонско малцинство, ниту се дозволува образование на македонски јазик. Дополнително, таму се негира и самиот македонски јазик – не само кога станува збор за македонското малцинство во Бугарија туку и кога се говори за неговото постоење и историски континуитет во Македонија, со тврдења дека станува збор за бугарски. Затоа австрискиот пример е важна лекција: демократијата не се мери само со институциите туку и со начинот на кој државата се однесува кон јазикот, културата и достоинството на луѓето што живеат во неа. Таму каде што јазикот се признава и се негува, се градат доверба и стабилност; таму каде што се негира, се создаваат трајни политички и општествени тензии – посочуваат познавачите.
Евроскептицизмот го генерираат бриселските елити и тој расте и меѓу членките на Унијата
Европска криза на доверба
- Одбивањето на полскиот претседател Карол Навроцки да потпише закон за европски воени кредити отвора пошироко прашање, дали ЕУ успева да ја задржи довербата и кај своите членки, а камоли кај земјите кандидати
Во бурни и неизвесни времиња како што се овие, ниту еден одговорен политичар не сака да ја доведе сопствената земја во подредена улога, па дури и тогаш кога таа земја е членка на Европската Унија и од неа се бара да се задолжи токму со европски кредити што ќе треба да ги отплаќа во следните 30 години.
Имено, полскиот претседател Карол Навроцки неодамна објави дека нема да потпише закон со кој ќе се дозволи користење на 43,7 милијарди евра кредити од Европската Унија за зајакнување на армијата, предупредувајќи дека Брисел би можел произволно да ја суспендира исплатата на средствата со примена на правилото за условеност, што, според него, би го ограничило суверенитетот на Полска и би ја довело во прашање уставноста на механизмот.
Во телевизиско обраќање, Навроцки го опиша механизмот САФЕ како „огромен странски заем за 45 години во странска валута“, со камата што би можела да достигне до 42 милијарди евра, објави „Ројтерс“.
– Полјаците на тој начин би морале да вратат двојно поголема вредност од самиот заем, додека западните банки и финансиски институции би профитирале од него – рече Навроцки, притоа додавајќи дека „безбедноста на Полска не смее да зависи од странски одлуки“.
Ова говори дека сè повеќе европски лидери се свртуваат приоритетно кон заштита на интересите на своите земји, немајќи доверба во актуелните европски либерални елити кои со ништо не оставаат впечаток дека водат конзистентни политики.
Можеби и тука треба да се бараат причините зошто огромен дел од македонските граѓани се скептични дека со новоиспорачаното барање од Брисел како уште еден услов за интеграција во унијата, односно со условот за „неопходни уставни измени“, македонските граѓани се свесни дека ЕУ нема да испорача без оглед што и да се случи.
– Случајот со позицијата на полскиот претседател Карол Навроцки околу европските кредити за одбраната покажува една поширока појава што веќе извесно време е видлива во европската политика, растечка резервираност на националните влади кон одредени механизми на ЕУ. Кога дури и држави членки, како Полска, јавно отвораат прашања за условеноста на европските фондови и за можноста тие средства политички да се блокираат од Брисел, тогаш тоа неминовно влијае и врз перцепцијата на земјите што сè уште се наоѓаат на патот кон Унијата. Во таков амбиент се создава впечаток дека европските механизми не се секогаш предвидливи и дека одлуките често зависат од политички контекст, а не само од формални правила. Токму затоа сè повеќе европски лидери инсистираат на заштита на националниот суверенитет и внимателно пристапуваат кон долгорочни финансиски обврски што можат да ја ограничат нивната политичка автономија – коментираат дел од европските аналитичари чиј фокус е проширувањето на Унијата.
Според нив, овој тренд е важен и за земјите кандидати што бараат предвидливост во процесот на пристапување.
– Кога јавноста во државите членки почнува да поставува прашања за функционирањето на самата унија, тогаш е разбирливо што граѓаните во земјите надвор од неа покажуваат дополнителна доза скептицизам. Во такви околности, довербата во европските ветувања станува клучен политички капитал, а токму таа доверба денес е значително разнишана.
Оттука произлегува и дилемата што сè почесто се слуша во јавноста: ако самите членки на Европската Унија отворено дебатираат за ограничувањата и ризиците на европските механизми, тогаш колку е реално од земјите кандидати да се очекува безрезервна верба дека секое ново отстапување или реформа ќе биде навистина последното барање на европскиот пат. Затоа суштинското прашање не е дали европската перспектива е важна, туку дали Европската Унија успева да ја одржи довербата дека нејзините правила се стабилни, предвидливи и еднакво применливи за сите. Без таа доверба, секој следен чекор на интеграција неминовно ќе се соочува со сè поголем скептицизам, како во земјите членки така и кај оние што сè уште чекаат пред европската врата – заклучуваат аналитичарите.































