Фото: МИА

Речиси една година по трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, сеќавањата и емоциите сè уште се силни, а болката тешко се преточува во зборови. Ова го истакна д-р Марија Срцева, анестезиолог во Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, која се обрати на панелот „Национален и меѓународен здравствен одговор и акутен третман на изгореници“, одржан во рамки на Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани.

Таа нагласи дека за трагедијата зборува не само како лекар, туку и како мајка, сопруга, родител и човек. Според неа, настанот претставува длабоко вкоренета трагедија која никогаш нема да биде заборавена, но и искуство од кое општеството ќе мора да извлече поуки што ќе останат за идните генерации, пренесе МИА.

Во своето излагање, д-р Срцева се осврна на неколку клучни аспекти од здравствениот одговор, меѓу кои човечкиот момент во справувањето со трагедијата, како и организацијата на медицинската тријажа и третманот на пациентите. Таа објасни дека веднаш по повикот за помош медицинските тимови брзо се мобилизирале, а првичната тријажа се одвивала во Ургентниот центар во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Сите пациенти кои подоцна биле третирани на хируршките клиники најпрво биле прегледани и проценети токму таму.

Тријажата ја спроведувале тимови составени од анестезиолози, специјализанти, пластичен хирург и трауматолог, кои врз основа на состојбата на пациентите одлучувале за понатамошниот третман. Таа појасни дека видот на повредите, нивната сериозност, како и општата стабилност на пациентот биле клучни фактори за одредување на третманот и местото на згрижување.

Најтешко повредените пациенти биле пренесени во единицата за интензивно лекување при Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, додека останатите биле упатувани на Клиниката за пластична хирургија и Клиниката за педијатриска хирургија. Д-р Срцева нагласи дека кај ваков тип повреди состојбата на пациентите може нагло да се влоши, поради што медицинските тимови морале постојано и внимателно да ја следат нивната здравствена состојба.

Во Клиниката за интензивно лекување биле мобилизирани осум специјалисти, 12 специјализанти, осум медицински сестри, четири болничари и технички персонал. Според неа, во тие критични моменти целиот тим функционирал како едно, со силна меѓусебна поддршка и огромна посветеност.

Таа истакна дека пациентите биле подложени на целосен хемодинамски мониторинг, при што им биле поставени централни венски линии и уринарни катетри, а нивната гасна размена се следела преку артериска линија со цел да се утврди евентуална интоксикација со јаглерод моноксид или други штетни агенси. Во рамки на третманот се вршела и интензивна ресусцитација со течности, како и бронхоскопија за да се утврди степенот на инхалационите повреди на дишните патишта.

Паралелно со медицинскиот третман, се одвивала и постојана координација со кризниот штаб, во кој биле вклучени претставници од повеќе болници, Фондот за здравствено осигурување и владини институции. Во соработка со овој штаб се носеле одлуки за транспорт на пациентите во други болници, како во земјата така и во странство, зависно од нивната состојба и можностите на здравствените установи да обезбедат соодветен третман.

Освен во интензивното лекување, дел од пациентите биле згрижени и на други клиники во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, меѓу кои Клиниката за трауматологија, ортопедија и токсикологија. За секој пациент била подготвувана детална медицинска документација и епикриза при нивното пренесување во други здравствени установи.

Д-р Срцева посочи дека улогата на медицинските тимови не завршила со првичниот третман, туку продолжила и при враќањето на пациентите од странство. За таа цел биле формирани мултидисциплинарни тимови составени од анестезиолози, пулмолози, токсиколози, психијатри, офталмолози и оториноларинголози, кои ги следеле пациентите веднаш по нивното враќање и го планирале понатамошниот третман.

Првиот пациент се вратил на 27 март, додека последните пациенти кои биле третирани во странство се враќале во текот на следните месеци, при што дел од нив биле повторно згрижени на Клиниката за анестезија и интензивно лекување.

Во заклучокот на своето обраќање, д-р Срцева нагласи дека трагедијата уште еднаш покажала колку се важни координацијата, меѓучовечките односи и хуманоста во вакви кризни ситуации. Таа посочи дека болката нема граници, но и дека солидарноста и подадената рака во најтешките моменти се нешто што никогаш не треба да се заборави.