Експертска анализа:
Безбедносни аналитичари и поранешни воени разузнавачи со интересни сценарија за перспективите на Иран по американско-израелската воена кампања, надоврзани на нашиот вчерашен текст „Пет модели за крај на војната со Иран“
- Нашите соговорници, безбедносни експерти и поранешни припадници на македонските безбедносно-разузнавачки служби, ќе се обидат за читателите на „Нова Македонија“ да ги аргументираат тезите дали постои реална можност, по воената кампања на САД и Израел, во Иран да следува граѓанска војна и, доколку се случи, дали во тоа сценарио влегува и постепената фрагментација (распад) на Иран, за целта што ја споменавме
Тезата дека Иран е „лабава мешавина од малцинства што чекаат шанса да се отцепат“ со години се појавува во геополитичкиот наратив. Таа теза се потпира на реални анализи на безбедносно-аналитичките служби, особено на САД. Во последните години оваа теза сè почесто се поврзува со пошироката, интегрална стратегија на односи со Иран, особено од страна на САД и Израел. Интегралната стратегија на САД (и Израел) за притисок над Иран всушност вклучува комбинација од „две во едно“. Имено, прво, една надворешна силна воена кампања и, второ, во истиот пакет, како дополнителен елемент – создавање внатрешни етнички тензии, заради етнички распад (дисолуција) и распарчување на Иран како единствена држава. Сето тоа е заради една единствена цел – за да може полесно надворешниот фактор да владее со расцепканите и распарчени ирански територии.
Нашите соговорници, безбедносни експерти и поранешни припадници на македонските безбедносно-разузнавачки служби, ќе се обидат за читателите на „Нова Македонија“ да ги аргументираат тезите дали постои реална можност, по воената кампања на САД и Израел, во Иран да следува граѓанска војна и, доколку се случи, дали во тоа сценарио влегува и постепената фрагментација (распад) на Иран, за целта што ја споменавме?
Етничкиот мозаик на Иран
– Иран навистина е етнички и културно разновидна држава. Но ваквото толкување често ги игнорира сложената политичка динамика и рамнотежата на интереси, страв и институционална контрола што со децении ја одржуваат државата стабилна – ја започнаа елаборацијата на оваа тема нашите соговорници.
Во продолжение тие се осврнаа на етничката повеќеслојност и шареноликост на Иран.
– Да ни биде јасно на сите, во Иран не постои официјален етнички попис. Повеќето процени укажуваат дека оние што зборуваат на персиски јазик сочинуваат околу 60 проценти од населението, односно приближно 53-55 милиони луѓе. Преостанатиот дел од населението го сочинуваат други многубројни етнички заедници, како што се Азери, Курди, Лури, Арапи, Белуџи, Туркмени и други помали групи. А токму овој мозаик честопати се споменува како потенцијална „структурна слабост“ на иранската држава – велат нашите соговорници, чиј делокруг на интерес во свое време бил Блискиот Исток.
Според нив, точно е дека во одредени периферни региони на Ирак постоеле и сѐ уште постојат историски незадоволства, економска маргинализација и политички тензии, а во некои случаи и вооружени групи што се спротивставуваат на централната власт.
– Но, истовремено, голем дел од тие заедници се интегрирани во државните институции, економијата и безбедносните структури. Токму затоа сценариото за брз распад на државата е далеку покомплицирано отколку што често се претставува во геополитичките анализи на САД – тврдат нашите соговорници експерти за Блискиот Исток.
Две опции на Вашингтон за распарчување на Иран: имплозија или експлозија?
Во безбедносно-политичката процена на нашите соговорници во врска со перспективите на развојот на настаните поврзани со Иран се споменуваат две можни стратегиски насоки.
– Во врска со политичко-безбедносните перспективи на Иран, кој е сега под страшен притисок, она на што се надеваат Вашингтон и Тел Авив е дека наскоро ќе се случи т.н. „системска имплозија“. Таквиот феномен вклучува постепено слабеење на системот преку економски санкции, политичка изолација и поттикнување внатрешни протести. Овој пристап претпоставува дека системот на Исламската Република би можел да се распадне одвнатре, што би отворило простор за политичка трансформација на државата.
Второ, некои анализи укажуваат на придонесот од надворешната воена кампања кон побрза, експлозивна дестабилизација, односно „методот на брза декапитација“ на системот (обезглавување на клучните носители на духовната, политичката и воената власт во Иран) и, секако, поттикнување внатрешни немири на маса луѓе, кои се противници на теократската власт на сегашен Иран. Имено, во сценариото што е активирано сега всушност почнаа воените удари врз клучни инфраструктури, институции и воени структури, кои имаат интенција да создадат период на хаос и слабеење на централната власт. Во ваков навидум вакуум, локални политички и вооружени актери во одредени региони би можеле да се активираат или поточно да бидат активирани и поттикнати однадвор, што би одело во насока на отворање внатрешни конфликти и нови воени жаришта. Ова е дури и една комбинација од надворешен воен притисок и поттикнување внатрешни немири и регионални и етнички конфликти во рамките на државата – велат нашите соговорници.
„Раздели, па владеј“ како проверен модел
Безбедносни аналитичари и поранешни воени разузнавачи како наши соговорници истакнуваат дека во геополитичките дебати често се споменува и логиката на стратегијата „раздели, па владеј“. Според оваа логика, поттикнувањето ривалства меѓу етничките и регионалните групи може да ја ослабне централната држава и да ја направи подложна на надворешно влијание.
– Потенцијалните точки на притисок во едно вакво сценарио најчесто се поврзуваат со периферните региони на Иран, и тоа во северозападните области со значително азерско население, во западните планински региони со курдско население, во југозападните провинции со арапски заедници, понатаму во југоисточните региони населени со Белуџи, како и во северните степски области со туркменско население. Во услови на поширока регионална конфронтација, овие региони често се споменуваат како потенцијални жаришта на нестабилност – тврдат нашите експерти.
Но, доколку надворешниот воен притисок се комбинира со внатрешни етнички тензии, теоретски може да се создаде сценарио на „долготрајна нестабилност“.
– Во таква ситуација би постоел ризик различни регионални актери да почнат да се организираат политички или воено, што би ја зголемило опасноста од подолготрајни граѓански судири, што Вашингтон би го преферирал. Слични сценарија во современата геополитика често доведуваат до долготрајни конфликти, распад на државните институции и создавање нови центри на моќ -велат соговорниците.
Тие предупредуваат дека „конечната цел на ваквата дестабилизација би можела да биде создавање нов политички поредок дури и регионално, па тоа би можело да отвори нов проблем за САД и Израел“.
– Еден непобитен факт, од политичко-безбедносен аспект, мора да се издвои. Иранските власти долго време работат на тоа дека секој обид за создавање „петта колона“ во земјата ќе биде пресретнат со силен одговор. Безбедносниот апарат на државата е изграден токму со цел да спречи сценарија на територијална фрагментација и внатрешна дестабилизација. Тоа значи дека секој обид за поттикнување етнички конфликти би наишол на силна и подготвена реакција од страна на државниот апарат – тврдат нашите соговорници.
Иран е мозаик, но не се распаѓа толку лесно!
Нашите соговорници во неколку реченици изнесоа став како дополнување на неодамнешниот текст „Пет модели за крај на војната со Иран“.
– Иран навистина претставува сложен етнички и културен мозаик. Но историјата покажува дека таа држава не се распаѓа лесно. За тоа е потребна комбинација од сериозни внатрешни слабости, силни надворешни притисоци и долготрајна дестабилизација. Затоа сценариото за „балканизација“ (национализам, шовинизам, сепарирање, сецесионизам, дисолуција) на тлото на Иран и натаму останува повеќе геополитичка хипотеза отколку непосредна реалност. Но самото постоење на такви стратегии укажува дека етничката структура на земјата ќе продолжи да биде важен фактор во големата геополитичка конфронтација околу Иран и поширокиот Блиски Исток – заклучуваат нашите соработници и брифери. Р.Н.М.
Нетанјаху и Трамп ги повикаа Иранците на бунт, иранската полиција предупреди дека ќе биде ригорозна
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повторно ги повика граѓаните, односно разните етнички заедници во Иран да се побунат против својата влада, тврдејќи дека „тековните случувања претставуваат историска можност за промена на режимот во Техеран“. Во порака упатена до иранскиот народ, Нетанјаху напиша дека „Израел и САД водат историска војна за слобода“. Тој додаде дека ова е „единствена можност во животот за Иранците да го соборат режимот на ајатоласите и да ја добијат својата слобода“.
– Баравте помош и помошта пристигна – порача израелскиот премиер.
Слични пораки испрати и американскиот претседател Доналд Трамп, кој во неколку наврати ги повика Иранците американско-израелските напади да ги гледаат како можност за соборување на политичкото раководство во Техеран.
Од друга страна, иранските власти одговорија на ваквите повици на САД и Израел, квалификувајќи ги овие мерки како специјална војна за фрагментирање на Иран по етнички, политички и други основи. Иранските власти јавно предупредија дека ќе преземат строги мерки против секој обид за протести. Шефот на полицијата Ахмад-Реза Радан изјави дека секој што ќе излезе на улиците по повик на „непријателите“ нема да биде третиран како демонстрант, туку како непријател.
– Секој што ќе излезе на улица по барање на непријателот повеќе нема да го сметаме за демонстрант. Ќе го сметаме за непријател и така ќе се однесуваме кон него. Сите наши сили имаат прсти на обрачот – изјави Радан во обраќање на државната телевизија.
Претходно оваа година безбедносните сили во Иран ги запреа протестите во повеќе градови. Според истражување на американската организација „Хјуман рајтс активитис њуз ејџнси“ (HRANA), само во текот на ноќта меѓу 8 и 9 јануари наводно „биле убиени речиси 6.500 демонстранти“. И американскиот претседател Трамп во една пригода изјави дека бројот на убиени демонстранти достигнува околу 32.000. Тој верува дека повеќе од 50.000 луѓе биле уапсени за време на протестите. Тензиите во Иран по основ на „протести и подготовки за бунтови“ остануваат високи, додека властите во Техеран предупредуваат дека секој обид за организирање протести за промена на режимот ќе биде третиран како соработка со непријателски сили. Р.Н.М.
































