Фото: ЕПА

Аматерски снимки на кои се гледаат ракети како очигледно исчезнуваат во експлозии на искри над Либан беа споделени онлајн на 2 март, заедно со тврдења дека видеата ги прикажуваат резултатите од футуристичко израелско оружје за воздушна одбрана при акција во услови на тековниот конфликт на Блискиот Исток. Овие тврдења беа широко оспорени, но еден елемент од дискусијата се базира на реалноста: од декември 2025 година израелската војска распореди ласерско оружје, наречено „железен зрак“, дизајнирано да се спротивстави на „различните воздушни закани“ со кои се соочува Израел.
Во Украина, каде што нападите од камикаѕе-дронови речиси ги превртеа стратегиите за воздушна одбрана, се развиваат неколку ласерски оружја за кои домашните производители тврдат дека би можеле да ги надминат сè понеодржливите трошоци за ракети што се користат за борба против дроновите.
– Не можете да користите ракета од милион долари врз дрон од 500 долари. Тоа едноставно нема никаква рационална смисла – изјави за РСЕ/РЛ Џаред Келер, експерт за ласерско оружје со седиште во САД, кој објавува билтен за новата технологија.
Направени се повеќе обиди за развој на ласерско оружје од првото соборување беспилотно летало со ласер од страна на САД во 1973 година, но технологијата остана експериментална сѐ до неодамна. Сегашниот притисок за развој на ласерско оружје, како што вели Келер, во голема мера е поттикнат од развојот на технологијата за беспилотни летала со ниска цена, како што се иранските дронови „шахид“.
Дали ласерското оружје чие истрелување чини само неколку долари нуди одговор против беспилотните камикаѕе-летала? Зависи од тоа кого ќе прашате.
– Ласерското оружје со висока енергија е особено погодно за справување со напади со беспилотни камикаѕе-летала бидејќи може многу брзо и постојано да ги напаѓа целите. Муницијата за ласер е електрична енергија, а не ракети или муниција. Тоа го отстранува логистичкиот услов за повторно полнење и му овозможува на системот да остане активен континуирано – вели Андрес Швер, извршен директор на „Електрооптички системи“, австралиска фирма што неодамна доби договор од 85 милиони долари за производство на ласерско оружје за Холандија.

Голем број ограничувања

Сепак, надвор од индустријата, набљудувачите посочуваат голем број ограничувања на сегашното ласерско оружје. Келер го посочува „времето на задржување“ како примарно ограничување на ласерското оружје. Ласерските оружја со висока моќност работат со горење низ целите, како што се трупот на дронот или обвивката на ракетата, за да предизвикаат аеродинамичен или системски дефект или експлозија. Но, тоа бара време и извонредна прецизност.
На истиот начин како што на лупата што ја фокусира сончевата светлина ѝ се потребни неколку секунди за да ја изгори хартијата, ласерските зраци со висока енергија исто така бараат време на задржување, кое може да варира во зависност од материјалот на воздушната цел и нејзините движења и растојание.
– За разлика од ракетен фрлач што може да истрела повеќе пресретнувачки ракети одеднаш, ласерот мора да се фиксира врз целта и да го насочи зракот кон неа на истата точка – изјави Келер за РСЕ/РЛ,
Деструктивната моќ на ласерите може драстично да се намали со дожд, магла или прашина во атмосферата. Студија од 2014 година покажа дека, при умерен дожд, на ласерот му се потребни околу 30 секунди време на задржување за да оштети цел на еден километар од оружјето. Во ведар ден, потребни се само три секунди за да се направи истата штета.
Производителите се фалат со недостигот од потенцијална колатерална штета од ласерите, за разлика од оружјата за воздушна одбрана што можат да отстапат од курсот со фатални резултати. Но ласерите претставуваат и нов ризик за цивилите.
Џејми Џејкоб, професор по воздухопловно инженерство на Државниот универзитет во Оклахома, вели дека појавата на ласерско оружје на модерното бојно поле веројатно ќе предизвика понатамошна еволуција во дизајнот на напаѓачки беспилотни летала. Тоа би можело да вклучува заштита отпорна на топлина или беспилотни летала што ротираат за да избегнат целење на која било точка на нивната конструкција.