Претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски, предложи намалување на бројот на пратеници во парламентот од 120 на 90, нагласувајќи дека ваквата промена би придонела за поефикасно функционирање на законодавниот дом и поголема одговорност на избраните претставници.
Како што соопштија од Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Димитриевски смета дека актуелниот број на пратеници е непропорционален во однос на големината на државата.
– Не постои рационална причина Македонија да има парламент со 120 пратеници кога и држави со слична големина имаат помал број. Намалувањето ќе значи појасна одговорност и поголема отчетност кон граѓаните – изјави Димитриевски.
Според него, со ваквата реформа позицијата на пратеникот треба повторно да добие поголема тежина во политичкиот систем, а Собрание на Македонија да ја зацврсти својата улога како централна институција на демократијата.
Осврнувајќи се на односите со Бугарија, Димитриевски оцени дека одредени политики од Софија испраќаат загрижувачки сигнали и се спротивни на европските вредности. Тој истакна дека прашањата поврзани со идентитетот и правата на Македонците не треба да останат само билатерален проблем, туку да се разгледуваат и на европско ниво.
– Недозволиво е во 21 век да се оспоруваат идентитетски прашања и да се создаваат пречки за демократско организирање на луѓето кои се идентификуваат како Македонци – рече Димитриевски.
Во однос на евроинтеграциите, тој нагласи дека Македонија останува посветена на европскиот пат, но без компромиси кога станува збор за националниот идентитет.
– Македонскиот јазик, идентитет, писмо и култура се автентични и имаат свој историски континуитет. Ние сакаме да бидеме дел од Европа, но без да се откажеме од самите себе – додаде тој.
Димитриевски посочи дека паралелно со евроинтегративниот процес, државата треба да работи и на зајакнување на институциите и економскиот развој, оценувајќи дека европските вредности се градат преку силни институции, економски напредок и почитување на националниот идентитет.



































