Бог да ги убие шпионите

  • Впечатливиот текст на колегата Панде Колемишевски во вчерашното издание на „Нова Македонија“ е токму по повод примерот на поранешниот претседател Киро Глигоров, кој приближно во времето на снимање на филмот „Бог да ги убие шпионите“ одбил финансиска помош од 100 милиони долари од Грција во замена за промена на името на државата, според декласифициран документ на американската разузнавачка агенција ЦИА. Но, од друга страна, повторно поврзано со лајтмотивот на мојот коментар, инспириран од споменатиот филм, постојат опипливи основани сомненија за лица и настани поврзани со потпишувањето и прифаќањето на спогодбата со Грција во 2018 година, а за кои е потребно да се отвори темелна и чесна истрага. И како што вели мојот поискусен колега, за постоење „извесни сомневања за можни финансиски бравури со кои во Македонија се обезбедени политичка согласност и медиумска поддршка за земјава да го промени името“…

Деновиве се присетив на македонскиот телевизиски филм „Бог да ги убие шпионите“ од 1993 година, кој ми остави силен впечаток кога го гледав како дете, мислам на осумгодишна возраст, веројатно и затоа што мајка ми беше дел од филмската екипа, па слушав за неговата приказна уште за време на снимањето. Но ми се врежа една реплика, дека зад секој херој има по еден шпион, што укажува за страдањето од домашни предавници.
Ваквата трагична појава се актуализира и во конфликтот во Иран, особено откако Исламската Република остана без голем дел од своето државно, верско, воено и разузнавачко раководство, уште во првиот налет на американско-израелските напади на 28 февруари. Токму затоа логично се поставува прашањето како Американците и Израелците успеале да ги лоцираат и погодат целите, при што се сугерира дека веројатно имале помош и од Иранци што се спротивставуваат на актуелната власт.
Во прилог на оваа теорија оди и апелот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) упатен до Иранците, кои неколку дена пред нападот беа повикани да стапат во контакт со агенцијата како потенцијални доушници или кодоши и предавници, кој термин и да го претпочитате, за да помогнат во американските напори за собирање разузнавачки информации во време на зголемени тензии меѓу САД и Иран. ЦИА во објава за регрутирање на фарси јазик на социјалните мрежи Икс и Инстаграм, како и на Јутјуб, им понуди на потенцијалните „соработници“ начин да контактираат со агенцијата, барајќи луѓе со „уникатни вештини“ подготвени да споделат „чувствителни информации“.
Последните американски обиди за врбување на Иранците само се надоврзуваат на триесетгодишната шпионска активност во Исламската Република на нивниот сојузник Израел, кои, според достапните информации, опфаќаат стотици регрутирани соработници, вклучувајќи дури и генерали, користени од Мосад за да го демонтираат Иран одвнатре.
Според најнови тврдења на арапски медиуми, генералот на Револуционерната гарда, Исмаил Кани, наводно бил погубен како шпион на Мосад на почетокот на месецов (претходно имаше извештаи дека загинал во американско-израелскиот напад на 28 февруари). Се наведува и дека блиски соработници на генералот претходно биле убиени од израелската разузнавачка служба или армија по заеднички состаноци на кои присуствувал тој. А упадливо било тоа што Кани ги избегнал нападите во четири наврати, што веќе не можело да се толкува како случајност, туку ѝ било припишано на негова наводна поврзаност со непријателот.

Видливото незадоволство на младото и образовано население во Иран од актуелната теократска власт, изразено преку протести кон крајот на минатата и почетокот на годинава, отвора сомнежи дека постојат многумина што би ја прифатиле пружената рака однадвор за да придонесат за промена на системот. Баш затоа и американскиот претседател Доналд Трамп се обрати до „големиот, горд народ на Иран“ за да му каже „дека сега е време да ја преземе контролата врз сопствената судбина и да ја ослободи просперитетната и славна иднина што е блиску“.
Новиот врховен водач на Иран, Моџтаба Хамнеи, го наследи неговиот убиен татко Али Хамнеи, по долгогодишно пласирање приказни во кои тој е истакнуван како врвен познавач на исламот и на исламското право, паралелно со пласирање на наративот оти е реформатор способен да ја сузбие корупцијата, да ја покрене економијата и да ги намали тензиите во општеството. Али Хамнеи во младоста го исмевал трансферот на власта по наследна линија, пред да замолкне во однос на таа конкретна тематика во изминатите десетина години. А јасно е и зошто по изборот на Моџтаба за негов наследник.
Иранците можеби чувствуваат замор од теократијата, но не сакаат идеолошки револуции, нови култови, ниту демократија. Тие, како и сите луѓе на планетава, сакаат мир и живот заснован врз економска сигурност, лична слобода и државен апарат што не спроведува строга контрола врз нивното секојдневие.
На толку шпиони и кодоши, треба да се истакне и еден македонски државник, наш современик, кој не потклекнал пред странско врбување и одбил да ги предаде сопствената држава и нејзините интереси. Впечатливиот текст на колегата Панде Колемишевски во вчерашното издание на „Нова Македонија“ е токму по повод примерот на поранешниот претседател Киро Глигоров, кој приближно во времето на снимање на филмот „Бог да ги убие шпионите“ одбил финансиска помош од 100 милиони долари од Грција во замена за промена на името на државата, според декласифициран документ на американската разузнавачка агенција ЦИА. Но, од друга страна, повторно поврзано со лајтмотивот на мојот коментар, инспириран од споменатиот филм, постојат опипливи основани сомненија за лица и настани поврзани со потпишувањето и прифаќањето на спогодбата со Грција во 2018 година, за кои е потребно да се отвори темелна и чесна истрага.

И како што вели мојот поискусен колега, за постоење на „извесни сомневања за можни финансиски бравури со кои во Македонија се обезбедени политичка согласност и медиумска поддршка за земјава да го промени името, поради што се чини дека Грција, по долгогодишни безуспешни обиди, сепак успеала да најде партнери што прифатиле таков чин“.
Филмот „Бог да ги убие шпионите“ може да се најде на Јутјуб, а некаде прочитав дека го има и на Нетфликс, па би било добро да се погледне. Може да биде особено поучен и инспиративен во времиња кога земјава се соочува со силни притисоци, за да не се потпадне под нови искушенија и да се постапи херојски, а не предавнички.