Состојбата со енергенсите во земјата внимателно се следи и доколку се појави потреба, Владата на Северна Македонија ќе интервенира, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа оцени дека во моментот ситуацијата е стабилна и не треба да се создава непотребна паника.
Во интервју за Телевизија Канал 5, министерката посочи дека државата располага со доволно резерви на енергенси и дека засега нема индикации за сериозни нарушувања на пазарот. Таа нагласи дека со трговските синџири е договорено, доколку забележат зголемување на влезните цени на производите, веднаш да го информираат Пазарниот инспекторат, пренесе МИА.
Димитриеска-Кочоска објасни дека актуелната ситуација не може да се спореди со енергетската криза од 2022 година и дека Министерството за финансии може да реагира со конкретни мерки дури откако ќе се прогласи кризна состојба.
– На дневна основа се прават анализи за случувањата на Блискиот Исток и за движењето на цената на нафтата. Она што Министерството може да го преземе е да постапи откако ќе се прогласи кризна или воена состојба – изјави министерката.
Таа потсети дека на последната седница немало предлог за прогласување кризна состојба, бидејќи цената на нафтата во меѓувреме бележела намалување. Како пример наведе дека на 12 март 2022 година цената на нафтата изнесувала 117 долари за барел, додека во моментот е околу 100 долари за барел, што, според неа, укажува на поинакви економски услови.
Министерката информираше и дека на состанокот со нафтените компании било потврдено дека има доволно резерви на гориво и дека не постои недостиг.
– Секоја од нафтените компании беше прашана дали има проблем со снабдувањето и ниту една не посочи дека се соочува со недостиг. Објаснувањето за поединечни бензински пумпи каде привремено немало гориво беше дека има залихи во складиштата и дека е потребно време за транспорт до пумпите – рече Димитриеска-Кочоска.
Осврнувајќи се на критиките од опозицијата дека Владата доцни со мерките, таа нагласи дека економските околности денес се значително различни од оние во 2022 година, кога инфлацијата била значително повисока.
Според неа, во 2022 година номиналниот раст на платите изнесувал околу 10 проценти, но реалниот раст бил само 1,2 проценти поради инфлација од 8,8 проценти, додека цените на храната пораснале за 11,4 проценти. Денес, како што посочи, има реален раст на платите во однос на инфлацијата, а растот на цените на храната е понизок.
Министерката додаде дека на состанокот со маркетите било договорено тие да го информираат Пазарниот инспекторат доколку забележат промени во влезните цени на производите.
– Нема да дозволиме појава на таканаречени воени профитери. Состојбата внимателно се следи, а претседателот на Владата е во постојана комуникација со сите засегнати страни – нагласи Димитриеска-Кочоска.


































