Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на комеморативната седница по повод годишнината од трагедијата во Кочани порача дека државата не смее да дозволи вакви настани повторно да се случат и дека институциите мора професионално и транспарентно да ја утврдат одговорноста.
Во обраќањето пред пратениците, претставниците на институциите, дипломатскиот кор и семејствата на жртвите, Гаши истакна дека ноќта на 16 март минатата година оставила длабока рана во целото општество.

– Таа ноќ Кочани и Македонија не ги изгубија само своите синови и ќерки, туку изгубија и дел од својата иднина. Заедно со животите на 63 млади луѓе, исчезнаа и соништата и плановите кои штотуку почнаа да се градат – рече Гаши.
Тој нагласи дека комеморативната седница не е формалност, туку чин на почит кон жртвите и поддршка за нивните семејства.
– Денес не сме тука како власт и опозиција, туку како општество кое беше длабоко повредено. Ова е заедничко поклонување пред животите што згаснаа и порака до семејствата дека во оваа болка не се сами – истакна претседателот на Собранието.
Гаши потсети дека во деновите по трагедијата Собранието ги прекинало јавните активности, со цел, како што рече, да се покаже институционална зрелост и почит кон болката на граѓаните.
Во говорот посебно беше истакната солидарноста што ја покажале граѓаните и институциите во најтешките моменти.
– Видовме лекари и медицински сестри кои работеа дење и ноќе, пожарникари и полицајци кои реагираа со храброст, како и граѓани и волонтери кои даруваа крв и помагаа на семејствата. Оваа солидарност немаше ниту политички, ниту етнички, ниту верски бои – рече Гаши.

Тој упати апел до правосудните институции процесот за утврдување одговорност да се води професионално, независно и транспарентно.
– Правдата не треба да биде ниту пребрза поради политички ефект, ниту задоцнета. Само вистината и правдата можат да донесат мал спокој за семејствата и за општеството – истакна Гаши.
На крајот од обраќањето тој порача дека трагедијата во Кочани треба да биде последен ваков настан во земјата и повика на изградба на држава заснована на правда, чесност и одговорност.
– Споменот на жртвите од Кочани треба да живее во секој од нас и да биде потсетник дека ваква трагедија никогаш повеќе не смее да се повтори – рече претседателот на Собранието.

































