Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој престојува во посета на САД, на Фејсбук соопшти дека се отвораат можности за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Светска банка со цел поддршка на клучни развојни проекти во земјата.
Како што наведе во објава на социјалните мрежи, на средбите со претставници на Светска банка во Вашингтон се разговарало за инвестиции во инфраструктурата, транспортот и за зајакнување на економијата.
– Ги отворивме можностите за зголемување на партнерството меѓу Македонија и Светска банка во поддршка на клучни развојни проекти во земјата. Согласни сме дека заемната соработка може да донесе долгорочен раст и зголемена конкурентност – информира Николоски.
Тој посочува дека на состаноците ги презентирал плановите на Владата за реализација на стратешките инфраструктурни коридори 8 и 10, како и можностите за модернизација на железничката мрежа во државата.
Според Николоски, во наредниот период се планираат и нови проекти наменети за општините, кои треба да придонесат за локален економски развој и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
































