По одлуката за враќање на средствата на компаниите од данокот на солидарност
- Според она што го објави УЈП, на 156 фирми треба да им се врати сума од над три милијарди денари по основа на солидарен данок, кој тие го исплатиле во 2023 година. За претставниците на коморите тоа секако е позитивен знак и сигнал дека сепак има правда и правна сигурност во земјата, а за повратот велат дека ќе биде добредојден, имајќи ги предвид кризите и проблемите со кои се соочуваат компаниите
По одлуката на Уставниот суд да го укине Законот за данок на солидарност, од овој месец, според најавите на Управата за јавни приходи, треба да започне исплатата на дел од средствата назад кај компаниите. Според она што го објави УЈП, на 156 фирми треба да им се врати сума од над три милијарди денари по основа на солидарен данок, кој фирмите го исплатиле во 2023 година. Првата рата ќе биде исплатена годинава во март, следната рата ќе им биде вратена на компаниите следната година исто така во март.
За претставниците на коморите тоа секако е позитивен знак и сигнал дека сепак има правда и правна сигурност во земјата, а за повратот велат дека ќе биде добредојден, имајќи ги предвид кризите и проблемите со кои се соочуваат компаниите.
– Од самиот почеток Стопанската комора на Македонија е во континуирана консултација со компаниите и со надлежните институции на државата по однос на прашањето за солидарниот данок. Веќе имаме извесност и предвидливост за поврат на средствата, што е особено значајно за бизнисите во реализацијата на нивните планови за инвестициски активности. Нашите компании членки, кои се на листата за поврат на солидарниот данок, се компании што секоја година издвојуваат значителни средства за инвестиции со кои ги унапредуваат своите процеси заради зголемена конкурентност на нивните производи и услуги на домашен, но и на странските пазари, а сигурни сме дека и повратените средства ќе ја имаат истата цел – создавање додадена вредност – објаснуваат од Стопанската комора на Македонија.
На секој деловен субјект треба да му биде гарантирана правната сигурност
Од СКСМ додаваат дека во овој момент за компаниите што побаруваат поврат на солидарниот данок е од особено значење да го поднесат пропишаниот образец Барање за враќање на повеќе или погрешно наплатен данок до Управата за јавни приходи, со што потврдуваат т.е. бараат враќање на солидарниот данок, по што ќе продолжи процесот во надлежност на Управата за јавни приходи и Министерството за финансии на РСМ за поврат на солидарниот данок на две рати, март 2026 и март 2027 година.
– Неспорно е дека законодавецот има право и слобода да воведува даноци и други видови обврски за кои компаниите би требало да плаќаат доколку за тоа постои соодветно образложение и истото тоа е резултат на дискусија и дебата со засегнатите страни и е регулирано навремено, односно минимум шест месеци пред почетокот на нова календарска година, како што подолг период бара комората, сѐ со цел предвидливост и навремено планирање на трошоците за следната година. Истовремено, на секој деловен субјект што функционира и дејствува во државата, а притоа ги плаќа редовно своите обврски по разни основи кон државата, треба да му биде гарантирана правната сигурност, како составен дел на принципот на владеење на правото, како темелна вредност на Уставот, но и на правниот поредок во ЕУ – појаснуваат од комората.
Потоа додаваат дека оваа одлука на Уставниот суд за бизнис-заедницата претставува еден вид „гаранција“ дека владеењето на правото, правната предвидливост и правната сигурност ќе останат фундаментални принципи и темелни вредности во создавањето поповолно деловно опкружување, во стимулирањето подобри економски резултати на компаниите, а со тоа и на државата.
Претставникот на Организацијата на работодавци на Македонија, пак, потенцира дека најважен сигнал што сега се испраќа се владеење на правото и почитување на законите.
– Вакви закони, со цел дел од товарот на кризата да го поднесат компании што оствариле зголемени добивки, беа донесени и во други држави. Проблемот кај нас е што понекогаш владите не внимаваат на уставните норми кога ги пишуваат законите. За жал, последните десетина години опадна нивото на квалитетно пишување на законите, поради заминување во пензија на многу експерти, кои во минатото стекнаа доволно знаење за тоа како се пишува еден закон.
Почитувањето на слободата на претприемаштвото и спречување ретроактивно важење на законите не се само формални уставни одредби туку треба да се почитуваат како и сите други – објаснува Ангел Димитров, претседател на Собранието на ОРМ.
Потоа тој додава дека компаниите го задржуваат правото да одлучат дали ќе ги искористат овие средства за нови инвестиции или, пак, ќе ги планираат за други потреби, бидејќи секоја компанија знае што е најдобро за неа во овој момент.
Враќањето на средствата во овој специфичен економски момент има исклучително позитивно значење
Претставниците на Сојузот на стопанските комори на Македонија посочуваат дека со овој потег е исправен еден неправеден товар врз македонското стопанство.
– Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) со големо задоволство ја прима веста за поништувањето на Законот за данок на солидарност од страна на Уставниот суд, како и подготвеноста на Владата експресно да ја спроведе оваа одлука. Овој епилог не е само правна разврска туку е потврда на принципите за кои ССКМ будно алармираше уште од првиот ден на воведувањето на оваа мерка – истакна претседателот на ССКМ, Горан Ѓеорѓиевски.
Тој посочи дека уште од самиот почеток имале јасен и недвосмислен став, а тоа е дека данокот на солидарност бил ретроактивен механизам што дејствувал дестимулативно врз деловната заедница.
– Наместо награда за успешноста, тој претставуваше своевидна „казна“ за најуспешните македонски компании, кои веќе уредно и чесно го платиле својот фер дел во државната каса. Со оваа одлука конечно се потврдува дека вонредните давачки не смеат и не можат да се носат на штета на предвидливоста на деловниот амбиент, кој е основа за секоја здрава економија. Враќањето на овие средства во овој специфичен економски момент има исклучително позитивно значење. Овие пари, кои неоправдано беа извлечени од развојниот капитал на компаниите, сега се враќаат таму каде што најмногу припаѓаат – во инвестиции – потенцира Ѓеорѓиевски.
Според него, повратот на средствата ќе дејствува како директна инјекција за ликвидноста на фирмите. Во време кога трошоците за енергенти и суровини сè уште се високи и непредвидливи, овие финансии ќе им овозможат на компаниите: стабилизација на оперативното работење преку покривање на високите влезни трошоци; можност за нови инвестициски вложувања во технологија и капацитети; и директна поддршка за човечкиот капитал, преку исплата на регрес и бонуси за вработените, со што се зајакнува стандардот на оние што се столбот на производниот процес.
– Отвореноста да се слушне и да се земе предвид гласот на реалниот сектор е сигнал дека се движиме кон вистинско партнерство. Овој чекор е клучен за враќање на довербата на приватниот сектор во институциите. ССКМ останува на ставот дека секое идно законско решение што задира во финансиите на приватните субјекти мора да биде плод на широк и транспарентен јавен дијалог. Веруваме дека ова е почеток на една нова пракса каде што аргументите на стопанството ќе бидат суштински дел од креирањето на економските политики – нагласи на крајот Ѓеорѓиевски. Е.Р.
































