Американската вселенска агенција НАСА синоќа лансираше сателит што ќе трага по планети на кои е можно да постои живот.
Сателитот за истражување егзопланети (ТЕСС) е лансиран во 00:51 часот по средноевропско време од Кејп Канаверал на Флорида, на ракетата „Спејс Икс Фалкон 9“.
ТЕСС е успешно поставен во орбитата после еден час од лансирањето.
Сателитот ќе набљудува околу 200.000 ѕвезди во близина на нашето Сонце и ќе трага по егзопланети.
НАСА соопшти дека сателитот е способен да регистрира планета во истиот миг кога планетата периодично ќе блокира дел од светлината што ја емитува ѕвездата околу која кружи.
– Колку светови постојат надвор од нашиот Сончев систем? – прашува НАСА на Твитер, каде што го објави видеото од лансирањето.
ТЕСС ќе користи четири камери, а научниците од оваа мисија очекуваат дека сателитот ќе регистрира околу илјада планети, од кои 300 би биле со големина на Земјата или двојно поголеми од неа.
НАСА објави дека сателитот ќе трага по егзопланети, кои најмногу ветуваат дека на нив ќе има живот. Податоците ќе се собираат две години, а ТЕСС за тоа време ќе го изучува целото небо, поделено во 26 еднакви сектори. Камерите ќе го набљудуваат секој сектор најмалку по 27 дена и ќе се фокусираат на најсветлите ѕвезди.