Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Штип денеска беа одбележани 83 години од Депортацијата на македонските Евреи во 1943 година, со комеморативна програма, полагање цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи и посета на еврејските гробишта.

На одбележувањето присуствуваа претставници на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Еврејската заедница во Република Македонија, како и државни и локални претставници.

Цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи положија министерот за култура и туризам Зоран Љутков, вицепремиерот и министер за политички систем Љупчо Димовски, како и градоначалникот на Штип Иван Јорданов. Присутните со едноминутно молчење и поклонување оддадоа почит на невините жртви.

Од организаторите истакнаа дека сеќавањето на еврејската заедница претставува нераскинлив дел од историјата на Штип и на државата.

Комеморацијата, како што беше нагласено, е потсетник на обврската да се зачува историското паметење и да се гради општество засновано на почит, толеранција и човечност.

Пораката од одбележувањето беше јасна – трагедиите од минатото никогаш да не се повторат. „Никогаш повеќе“.