Со минута молк и пораки за правда денеска во Скопје започна традиционалниот Осмомартовски марш, организиран од повеќе граѓански иницијативи и здруженија по повод Меѓународниот ден на жената.
Маршот започна точно напладне од паркот Жена борец, од каде учесниците се упатија кон Градски парк Скопје и бистата на Вера Јоциќ.
Слоганот на годинашниот марш – „Нема да нè снема“, според организаторите, ја симболизира упорната борба на жените да опстојат во општество и систем што, како што велат, често не ја гарантира нивната безбедност, не ги штити од насилство и ги остава на маргините.
Учесниците порачаа дека честитките по повод 8 Март не се доволни доколку паралелно не се работи на искоренување на родово базираното насилство, економската нееднаквост и системската дискриминација.
Осмомартовскиот марш традиционално се одржува во чест на борбата за женските права и историската традиција на 8 Март, кој симболизира солидарност, отпор и стремеж кон еднаквост и достоинствен живот.

















































