Одбележување на годишнината од првиот број на гласникот на Македонците во Албанија
- Петнаесет години истрајност и посветеност – весникот „Илинден“ е жив хроничар на македонската заедница во Албанија, чувар на јазикот и културата и мост што ги поврзува генерациите и дијаспората низ светот
На 1 март 2011 година, македонското друштво „Илинден“ – Тирана го издаде првиот број на својот весник „Илинден“. Тој прв број, објавен како двоен (март/април), беше симболичен почеток на една медиумска приказна, која денес, петнаесет години подоцна, има 71 издание. Во текот на овие години, весникот не само што обезбеди континуитет и посветеност туку и изгради мостови меѓу заедниците – од Македонците во Албанија, преку читателите во татковината Македонија, па сè до дијаспората низ светот. Секое издание претставува сведоштво за една борба за видливост, за зачувување на јазикот и културата и за афирмација на македонскиот идентитет во услови на постојани предизвици.
– Да ни се множат јубилеите и понатаму – истакна Никола Ѓурѓај, претседателот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, упатувајќи искрена благодарност до сите соработници и лојални читатели, кои се вистинската сила зад весникот – заедницата што го следи, го поддржува и го претвора во институција.
Весник што прерасна во институција
„Илинден“ денес не е само весник – тој е институција, медиумска платформа што ја надмина својата првична улога и се претвори во жив хроничар на македонската заедница во Албанија и пошироко. Секоја страница, секоја објава и секој број носат со себе сведоштво за една истрајна борба за зачувување на јазикот, културата и идентитетот.
Писмата што секојдневно пристигнуваат до редакцијата, коментарите и реакциите на социјалните мрежи, како и постојаниот интерес на читателите, се најдобар доказ дека „Илинден“ прерасна во сериозен медиум. Тој не е само извор на информации туку и простор за дијалог, за размена на мисли и за афирмација на македонската заедница. Читателите го следат со доверба и внимание, препознавајќи во него автентичен глас што ги пренесува нивната реалност и нивните стремежи.
Од печатеното издание, кое со години беше единствено сведоштво за македонското присуство во Албанија, весникот се прошири и во дигитална форма, достапен преку веб-платформа и меѓународни библиотеки. Така, „Илинден“ стана дел од глобалната медиумска сцена, овозможувајќи пристап до својата содржина за пошироката јавност – од младите студенти до истражувачите и дијаспората, која бара врска со своите корени.
– Членството во Алијансата за етички медиуми (AEM) е уште една потврда за неговата релевантност и кредибилитет. Со тоа, „Илинден“ се вброи меѓу медиумите што се залагаат за професионални стандарди, транспарентност и одговорност. Присуството на најголемите агрегатори на вести во Македонија – „Тајм“, „Грид“ и „Вести“ (time.mk, grid.mk и vesti.mk) – дополнително ја зацврсти неговата позиција како медиум што ја надминува локалната рамка и станува дел од пошироката информативна мрежа – нагласуваат од весникот „Илинден“.
„Илинден“ денес е повеќе од весник – тој е симбол на истрајност, чувар на меморијата и мост меѓу генерациите. Секој број е сведоштво дека македонскиот збор, македонската мисла и македонската култура имаат своја жива сцена и во Албанија и дека таа сцена е препознаена и почитувана.
Чувар на јазикот и идентитетот
Мисијата на весникот „Илинден“ останува јасна и непоколеблива: да ги поттикнува, да ги афирмира и да ги промовира македонскиот јазик, култура и национални традиции во Албанија. Тој не е само медиум што информира туку и чувар на духовното наследство, глас што ја брани видливоста на една заедница и мост што ја поврзува со своите корени.
Во секој број се отвораат прашања од суштински интерес за Македонците – од образованието и културните настани, до правата и предизвиците со кои се соочува заедницата. Весникот не се задоволува со површно известување, туку создава простор за дијалог, за размена на идеи и за градење колективна свест. Така, „Илинден“ станува повеќе од печатено слово – тој е жив форум, место каде што македонскиот идентитет се потврдува и се зајакнува.
Секоја објава е дел од една поширока мисија: да се зачува јазикот како најсилен симбол на постоењето, да се афирмира културата како доказ за историска длабочина и да се одржи традицијата како темел на иднината. Во услови на асимилација и заборав, „Илинден“ е светилник што ја осветлува патеката на македонската заедница во Албанија, потсетувајќи дека идентитетот е живо ткиво што мора да се негува.
Осумдесет години од политичко-правната одредба – Народна Република – во името на нашата државата Македонија
Името Македонија – монолитниот нескршлив столб на градењето на македонскиот идентитет низ историјата
Во повоената политичка историја имало неколку одредби што биле правно-политички атрибути на македонската држава Република Македонија, чие име е, пред сѐ, генеричко, а дури потоа уставно. Одредбите биле, пред сѐ, заради одразување на тогашното државно уредување, што значи дека во строга правно-терминолошка смисла не се работело за менување на името Македонија. На 2 август 1944 година, кога се одржува Првото заседание на АСНОМ и кога се втемелува современата македонска држава, таа го понесува името Демократска Федерална Македонија како дел од Демократска Федерална Југославија. На 8 март 1946 година, со одлука на Президиумот на Народното собрание на Демократска Федерална Македонија, во името на државата се вметнува додавката „Народна Република“ и тоа веќе гласи „Народна Република Македонија“. Земјата била именувана така од 8 март 1946 година до 12 април 1963 година, кога повторно, заради одразување на државното уредување, врз основа на Одлуката за прогласување на Уставот на Социјалистичка Република Македонија, донесена од Народното собрание на Народна Република Македонија, на заедничката седница на Републичкиот собор и Соборот на производителите, Македонија наместо „Народна Република“ станува „Социјалистичка Република“ Македонија.
Ова именување „Социјалистичка Република Македонија“ ќе се користи од 12 април 1963 до 8 септември 1991 година, откако по референдумот, Република Македонија била прогласена за независна држава, издвојувајќи се од СФР Југославија. Оттогаш ќе се користи името Република Македонија. Но поради противењето на Грција, државата по линија на помал отпор и поради нејасни околности се согласува да депонира во Организацијата на Обединетите нации на 8 април 1993 година привремена референца како „Поранешна Југословенска Република Македонија“ (ФИРОМ), па така е ословувана и во меѓународната комуникација и, на некој начин, тоа било и официјално име за државата во меѓународни рамки.
Меѓународно и насилно наметнатиот Преспански договор и врз основа на него амандманот 33 на Уставот, стапен во сила на 12 февруари 2019, ќе наложи промена на името Македонија во „Северна Македонија“. За првпат во 75-годишната политичка и државно-правна историја е извршена прва насилна промена на името на државата во вистинска смисла, која оттогаш повлекува преименување и на националниот идентитет и јазикот на македонскиот народ, што се шири и се затврдува и во меѓународни рамки.
– Во развојниот пат на изделувањето и на препознавањето на посебноста на македонскиот етнос се јавуваат неколку основни идентитетски детерминанти, при што територијата и името Македонија се јавуваат како непроменлива оска на градењето на македонскиот идентитет низ целата историја – нагласи историчарката проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска во свој научен труд од 2020 година. Но и во оваа пригода, значајно е да се нагласи дека меѓународното право е децидно, колку и да се говори за тоа дека Преспанската спогодба е завршена работа, па ако се докажат многуте флагрантни елементи за неговата ништовност (коруптивен договор, спротивно на перемпторното, врховно право јус когенс, договор под присила или уцена за членство во ЕУ, невалидни потписници, против волјата на нацијата… итн.), тогаш сета таа состојба на договарање, односно потпишување на Преспанскиот договор, едноставно не е валидна и наскоро таа „спогодба“ ќе замине на ѓубриштето на историјата, како отпад или смет на една либерална европска елита во договор со една домашна велепредавничка каста. Св.Т.
































