Четириесет и четиригодишен жител на Кичево е лишен од слобода откако лажно пријавил поставена бомба во РЕК Осломеј, со цел порано да си замине од работа, информираат од Министерство за внатрешни работи (МВР).
Како што информира МВР, на 5 март во 03.30 часот полициски службеници од Полициското одделение Осломеј го привеле Р.Б. (44), кој е вработен во РЕК Осломеј.
Според полицијата, околу 02.25 часот тој испратил порака до својот претпоставен во која навел дека има сознанија оти во еден оддел од електраната е поставена бомба. По преземените мерки и проверки спроведени заедно со обезбедувањето било утврдено дека станува збор за лажна пријава.
По дополнителни активности, полицијата го пронашла осомничениот во викенд-куќа во селото Осломеј, по што бил лишен од слобода. Тој признал дека ја измислил пријавата за да може порано да си замине од работното место.
Осомничениот е задржан во Полициската станица во Кичево, а по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.



































