Фото: ЕПА

ОБЕДИНЕТ ПАРАОЛИМПИСКИОТ ПЛАМЕН ВО КОРТИНА ПРЕД ЦЕРЕМОНИЈАТА НА ОТВОРАЊЕТО НА ЗПОИ 2026

  • Овој настан служи како платформа за најдобрите спортисти во светот да се натпреваруваат во спортот на највисоко ниво и да покажат пред глобалната публика што можат да постигнат лицата со попреченост кога ќе се отстранат бариерите за успех, рече пред утрешното отворање на ЗПОИ 2026 претседателот на ИПЦ, Ендру Парсонс, кој лани беше гостин на Македонскиот параолимписки комитет и на Министерството за спорт

Пред утрешната церемонија за отворање на Зимските параолимписки игри (ЗПОИ) во Милано и Кортина д`Ампецо, во вторникот во Кортина се одржа церемонија на обединување на пламенот, на која се собраа пламените од петте фестивали на пламенот одржани во Торино, Милано, Болцано, Тренто и во Трст, пишува Интернационалниот параолимписки комитет (ИПЦ). Обединетиот пламен сега ќе биде централна точка на параолимписката штафета на факелот, опфаќајќи ги Венеција и Падова пред да пристигне во арената во Верона.
Пред обединувањето на петте пламени, пет групи од по пет носители на факели носеа по еден од петте пламени. Меѓу носителите беа претседателот на ИПЦ, Ендру Парсонс (лани беше гостин во Скопје на Македонскиот параолимписки комитет и на Министерството за спорт, а „Нова Македонија“ направи ексклузивно интервју со него – н.з.), двајцата потпретседатели на ИПЦ, Лејла Маркес Мота и Џон Петерсон, извршниот директор на ИПЦ, Мајк Петерс, како и спортистите во зимските спортови, повеќекратната параолимписка шампионка од Франција, Мари Боше, и италијанската олимписка освојувачка на медал во карлинг, Стефанија Константини.
– Унифицираниот параолимписки пламен ги симболизира духот на параолимписките спортисти и енергијата, храброста и способноста што секој параолимпиец ги поседува прво за да го изненади светот, а потоа да го возбуди светот преку своите спортски настапи.

Параолимпискиот пламен исто така ги симболизира можноста и трансформативната моќ на Параолимписките игри. Ова означува дека овој настан служи како платформа за најдобрите спортисти во светот да се натпреваруваат во спортот на највисоко ниво и да покажат пред глобалната публика што можат да постигнат лицата со попреченост кога ќе се отстранат бариерите за успех – рече Парсонс, пренесе ИПЦ, Параолимпискиот пламен беше запален на 24 февруари во Стоук Мандевил (Обединетото Кралство), духовното родно место на Параолимпиското движење, пишува ИПЦ. Оттаму патуваше до Италија, со Торино како прва станица на неговото национално патување. Патувањето на пламенот ѝ оддава почит на параолимписката историја на земјата, од првото издание на Параолимписките игри во Рим во 1960 година до Торино 2006 година, кога Италија првпат беше домаќин на ЗПОИ. ЗПОИ 2026 ќе се одржат од утре до 15 март. Повеќе од 600 спортисти од околу 50 земји ќе се натпреваруваат во 79 натпревари за медали. На ЗПОИ 2026 од Македонија ќе настапи Зоран Јовановски, во дисциплината слалом, класа седење ЛВ11.
– Параолимпискиот пламен ја одразува длабоката врска што Италија ја дели со Параолимпиското движење и наследството што почна во нашата земја во 1960 година. Пламенот претставува не само одговорност што ја прифаќаме како организатори на ЗПОИ 2026 туку и страст и посветеност на извонредните спортисти што се подготвуваат да ги доживеат Игрите на наша почва. Тие се, всушност, компасот што ја води нашата секојдневна работа, инспирирајќи нѐ да понудиме настан во кој инклузијата и можноста се суштински елементи. Како што се приближува кон Верона, пламенот сјае како потсетник за тоа што можеме да постигнеме колективно: Игри што го почитуваат нашето минато, ја зајакнуваат сегашноста и инспирираат поинклузивна иднина за сите, каде што секој поединец може да најде простор да го изрази својот талент – рече претседателот на Фондацијата „Милано-Кортина 2026“, Џовани Малаго, пренесе ИПЦ. Г.И.