Редакциска опсервација
- Дали има недоразбирања во кабинетот на Трамп во врска со новата американска интервенција во Иран
Одлуката на претседателот на САД да нареди воени удари врз Иран, донесена во кругот на најтесниот тим во Мар-а-Лаго, отвори некои прашања за кои мал дел од јавноста беше свесен дека постојат. Формално, администрацијата демонстрира единство и решителност, но распоредот на луѓето во клучната ноќ нешто друго. Имено, А-тимот беше со претседателот на Флорида, додека Б-тимот беше во т.н. Ситуациска соба во Вашингтон. Токму тој момент сугерира дека под површината постојат нијансирани, можеби и суштински концептуални разлики што се однесува до воената интервенција во Иран.
Дали станува збор за тактичка поделба на задачи или за идеолошки раскол во врска со иднината на американските интервенции на Блискиот Исток?
Кој беше со претседателот Трамп за време на воената кампања, а кој не беше и зошто?
Во Мар-а-Лаго, покрај Трамп, беа државниот секретар Марко Рубио, претседателот на Здружениот генералштаб, Ден Кеини, и шефицата на кабинетот, Сузи Вајлс. На друга страна, во Ситуациската соба, пак, беа потпретседателот Џеј Ди Венс, директорката на националното разузнавање, Тулси Габард, и директорот на ЦИА, Џон Ретклиф. Зошто во две групи? Формалното објаснување во јавноста изостана.
Се разбира дека двете групи биле поврзани преку безбедна телефонска линија, но симболиката на физичката оддалеченост е политички индикативна. Во администрација каде што лојалноста и блискоста до претседателот се „клучна валута“, отсуството на потпретседателот од непосредниот круг во момент на одлука за голема воена операција не може да се игнорира.
„Америка прво“ на тест
Потпретседателот Венс ја изгради својата политичка идентичност како глас на новата поизолационистичка струја во движењето МАГА. Во 2023 година, во текст за „Волстрит џурнал“, тој ја пофали надворешната политика на Трамп како политика за „незапочнување војни“ и ги осуди интервенционистичките авантури на дотогашен либерален Вашингтон како „светско-историски катастрофи“.
И Тулси Габард има долг стаж како критичар на странските воени интервенции на САД. Минатото лето таа јавно изјави дека нема докази дека Иран развива нуклеарна бомба – став што, според извештаи, предизвикал гнев кај претседателот Трамп.
Во тој контекст, ударите врз Иран претставуваат некаков пресврт. Трамп, кој со години ја критикуваше „вечната војна“, сега нареди операција што носи ризик од регионална ескалација. Иако администрацијата ја претставува акцијата како брза, ограничена и блицкриг-операција, самата природа на конфликтот со Иран го доведува во прашање ветувањето за „влегување и излегување во краток рок што би се мерел со часови“, а не со денови или со недели.
Тактичко несогласување или стратешки раскол?
Според извештаи, во деновите пред ударите, Венс инсистирал на подетални процени од ЦИА и од воениот врв за ризиците и комплексноста на евентуален напад. Тоа го става во позиција на глас на претпазливост, наспроти претседателската потреба да не изгледа „слаб“.
Ова не мора да значи отворено спротивставување. Напротив, Венс внимателно ја балансира својата позиција. Тој јавно ја поддржува одлуката, но избегнува да стане нејзин најгласен промотор. Неговата тишина на социјалните мрежи по операцијата беше протолкувана (кај дел од тврдокорната десница) како „порака без зборови“. Од друга страна, Трамп не се претвори во нов „јастреб“ од типот на Дик Чејни. Тој истовремено најавува разговори за прекин на огнот, што укажува на желба конфликтот да остане ограничен и политички управлив.
Политичка калкулација пред 2028 година
Внатрешните разлики, ако постојат, можеби се повеќе прашање на политичко позиционирање отколку на институционална криза. Венс, како потенцијален претседателски кандидат на републиканците за 2028 година, мора да го зачува кредибилитетот кај антиинтервенционистичкото крило на МАГА, без да изгледа нелојално кон претседателот.
Раните анкети, кои покажуваат ограничена поддршка за ударите врз Иран, дополнително ја комплицираат сликата. Ако операцијата остане кратка и без сериозни последици, Трамп ќе ја претстави како доказ за својата доктрина: „Мир преку аргументот на сила“. Ако, пак, конфликтот се продлабочи, тогаш скептиците во неговиот кабинет би можеле да кажат дека предупредувале навреме.
Единство на површина, разлики во длабочина?
Засега нема докази за некаков формален раскол. Кабинетот функционира, одлуките се спроведуваат, а јавната реторика останува усогласена. Но идеолошката тензија меѓу интервенционизмот и изолационизмот, како стар предизвик во американската политика, повторно се актуализира во срцето на администрацијата.
Можеби вистинското прашање не е само дали Трамп има раскол во својот кабинет, туку дали неговото движење може долгорочно да ги помири сопствените, па и внатрешните противречности, а тоа е „желбата да се демонстрира сила и истовремено да ветува дека Америка повеќе нема да влегува во туѓи војни“.
Одговорот на таа дилема може да ја обликува не само иднината на оваа администрација туку и насоката на американската надворешна политика во годините што доаѓаат. Р.С.
































