Фото: Официјален фејсбук профил

Синдициран заем, што го одобрува поголема група банки, најверојатно ќе биде кредитот од 300 милиони евра што го најави Владата. Како што рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, веќе се во тек преговорите со банките и се чекаат понудите, а ќе биде земено она што најмногу ќе одговора и што ќе биде најсоодветно за буџетот, пренесува МИА.

Димитриеска-Кочоска е децидна дека во буџетот за 2026 година беше јасно предвидено колкаво ќе биде задолжувањето во странство, а и Министерството за финансии, како што напомена, од самиот почеток е транспарентно.

– И премиерот многу често повторува колкави се долговите што треба да се вратат годинава. Ако треба да вратиме две милијарди, не може да очекуваме дека со една милијарда што издадовме обврзница, ќе ги вратиме. Од почеток беа предвидени 300 милиони евра да се обезбедат преку кредитирање. Веќе сме во преговори со банките, чекаме да видиме конечно кои понуди ќе ги добиеме зашто имаше разни рочности и разни каматни стапки. Она што ќе одговора и што ќе биде најсоодветно за буџетот, тоа и ќе биде земено. Според информациите што ги имам, станува збор повторно за кредит што ќе ни даде поволни услови и од аспект на рочноста и од аспект на каматната стапка. Мислам дека ќе биде повеќе синдициран заем, ретко може да биде кредит само од една банка – истакна министерката на прес-конференција одговорајќи на новинарско прашање.