Владимир Јаневски, етнолог
Владимир Јаневски е еден од најистакнатите македонски етнолози и етнокореолози, чија научна и педагошка работа е посветена на истражувањето, зачувувањето и систематизацијата на македонската традиционална култура. Тој ја започнува својата кариера како играч и пејач во ансамблот „Танец“, а подоцна се посветува на академската наука и на наставата. Со долгогодишна работа во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и како професор на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Јаневски ја изгради својата позиција како водечки истражувач на македонските народни ора и носии. Неговата монографија „Македонски народни носии (руво, руфет, такам)“ и многубројните научни трудови претставуваат значаен придонес во зачувувањето на културната меморија и во афирмацијата на македонската етнокореолошка традиција.
Како започна Вашиот теренски интерес и што Ве мотивираше да се фокусирате токму на македонските народни носии и материјалната култура?
– Кон крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите години започнав интензивно да работам на материјалите од Македонија, да се фокусирам на градските материјали. Првично, материјалите ми доаѓаа некако од мојата околина, подоцна веќе започнав да работам посериозно. Најчесто, на теренските истражувања во тие години имав шанса да сретнам повозрасни соговорници, снимани на аудиоматеријали, каде што се водеа разговори најчесто за материјалната култура и делот на репертоарот, но најчесто за материјалната култура. Многу е важно што во тој период имаше постари информатори, кои беа родени на почетокот на 20 век. Тоа беа стари информатори што ја знаеја традицијата. Сето тоа се случуваше на терен, во тие неколку години, буквално кога минав низ цела Македонија, сфатив дека има голем дел од материјалната култура што е запоставен. Главен интерес ми беа македонските народни носии и народниот репертоар, па започнав со собирање етнографски материјал и тоа сѐ повеќе се развиваше.
Што Ве наведе да почувствувате потреба за големи монографски дела за македонските народни носии и како личното семејно наследство влијаеше врз Вашиот пристап кон ова истражување?
– Во неколку наврати, во моите 30 и повеќе години искуство на терен и воопшто во едукацијата, сфатив дека направив повеќе изложби, повеќе едукации, неколку мали монографии или конкретни каталози што беа дел од изложбите. Но сфатив дека има сè поголема потреба од големи монографии. Во 1990 година излезе едно монументално дело за македонските народни носии од Георги Здравев, кое за сите нас што работиме е епохално дело, затоа што навистина е голема и сериозна студија. Но во однос на методологијата и истражувањето, имам еден малку поинаков поглед како треба да се прави тоа денес, кога повторно собираме материјали, и како треба да се постави една нова монографија.
Клучно за мене беше прашањето дали треба да ја прикажеме Република Македонија во денешните граници или целата етничка Македонија. И тука не наидов на проблем, туку на мој личен предизвик. Многу е важно да се знае дека моите почетоци и мојот целосен зачеток беа инспирирани од моите родители – мајка ми е од Егејска Македонија, а првите примероци што ги добив беа од баба ми и од прабаба ми. Моите родители се од Воденско, поточно од Меглен и од селото Тресино. Прво се сретнав со тие предмети и можеби тие беа искрата за да се случи нешто. Целата таа егејска енклава во која живеев можеби ми го даде тој родољубив момент да ја сакам мојата држава. Така започна сè. Кога размислував дека треба да се прикаже целата етничка Македонија и како методолошки да се постави тоа, сфатив дека голем дел од предметите што ми се потребни ги немам. Најчесто тоа се од Пиринска Македонија. Кога велам Пиринска Македонија, мислам на Струмско-местанската етнографска целина. Пиринска или Егејска Македонија се народски термини, стручниот назив е Струмско-местанска етнографска целина, а Егејска Македонија е Јужна македонска етнографска целина. Последните четири–пет години работев само на Струмско-местанската етнографска целина, работев доста во Република Бугарија, односно во делот на Пиринска Македонија. Таму можев да одам на терен, да собирам материјали, да разговарам со соговорници и да го надополнам делот што ми недостигаше. Можам слободно да кажам дека монографијата е работена 30 години, но во неа можам да прикажам само 20–30 отсто од тоа што го имам. Веќе имам нова идеја, на која веќе работам. Оваа монографија се вика „Македонски народни носии (руво, руфет, такам)“. Новата монографија ќе се вика „Македонски народни носии – иницијација“.
Кои се најзначајните истражувачи што први се занимаваа со македонските народни носии и како нивната работа Ве поттикна да развиете сопствена класификација преку Вашиот докторат?
– Многу е важно да се знаат првите истражувачи. Кај нас во Македонија, во однос на народните носии, најпознати се Љубица и Даница Јанковиќ, а подоцна и нашиот колега Михајло Димовски. Љубица и Даница Јанковиќ работеа според географски одредници, како што беа поголемите градски центри. Михајло Димовски направи неколку стручни трудови и книги со описи за македонските народни носии, но во Македонија не постоеше класификација. Би споменал и една од класификациите на Тихомир Ѓорѓевиќ, направена на крајот на 19 век, за српските народни игри, каде што голем дел се базирани на македонски народни носии. Но таа класификација не се совпаѓа со денешните рамки и современите примери. Дел од мојот предизвик беше и мојот докторат „Класификација“ на народните ора, кој го работев на темата „Класификација на народните носии“. Навистина постоеше огромна потреба да се направи класификација што ќе биде во функција на македонските народни носии. Главната цел ми беше класификација на соборски и обредни игри, кои се суштински дел од народните носии во Македонија.
Како ја гледате улогата на етнокореологијата во образовниот систем и во современиот културен контекст и кои се најголемите предизвици за нејзина популаризација и за пренесување на традицијата кај младите генерации?
– Во однос на етнокореологијата, таа е една од најстарите, но кај нас најмлада наука. Во образовниот систем влезе во 2001 година во средното образование, а во високото образование во 2007 година. Во 2010 година се отвори и вториот циклус, а сега веќе и третиот циклус на студии. Современиот аспект е токму тоа – навлегување во современите рамки на етнокореологијата, но и нејзина популаризација. Не смееме да дозволиме етнокореологијата да не се популаризира. Современиот свет го бара тоа, ни го овозможува и ние мора да го направиме. Младите генерации и традицијата – не можеме да ги обвинуваме младите дека не ја познаваат традицијата, ако ние постарите не правиме ништо за нив. Многу е важно институциите да работат на тоа младите да ја засакаат традицијата. Во државата имаме многу културно-уметнички друштва каде што се негува традиционалната култура. Имаме ансамбли, музеи, но мислам дека е потребна многу поголема стратегија. Главна институција треба да бидат државата и Министерството за култура, кои ќе наметнуваат програми за зајакнување на традицијата и гордоста кон неа.
Што ја прави македонската народна носија единствена во однос на кројот, украсувањето и слоевитоста и како се разликува од носиите на соседните народи на Балканот?
– Македонската народна носија претставува едно од највпечатливите културни наследства на Балканот. Таа се издвојува по својот уникатен крој, богатото украсување и слоевитоста на облекувањето, што ја прави препознатлива и неповторлива. Секоја носија е резултат на вековна традиција, каде што секој елемент – од ткаенината, преку боите, до орнаментите – носи симболика и сведочи за идентитетот на заедницата. За разлика од бугарските, српските, грчките и албанските носии, кои имаат свои специфични типови на кроеви и украси, македонската носија се разликува со својата хармонија меѓу практичноста и естетиката. Таа не е само облека туку културен код што ги пренесува историјата, верувањата и уметничката чувствителност на народот. Не велиме дека Македонците се посебни по некоја генеза или политичка претензија – тоа не е целта. Она што ја прави носијата единствена се начинот на украсување, специфичниот крој и слоевитоста на облекувањето, како и разновидните покривки за глава што се користат во различни региони. Секој слој, секој вез и секој украс е дел од една комплексна културна приказна. Затоа може да се каже дека македонската носија е единствена на Балканот – не поради некаква исклучителност на народот, туку поради неповторливата комбинација на естетика, симболика и традиција што ја носи во себе. Таа е живо сведоштво за богатството на македонската култура и за нејзината способност да создаде нешто што е истовремено практично, уметнички возвишено и длабоко идентитетско.
Како настана ансамблот „Македонија“, кој денес е единствен од ваков тип на Балканот и што значи за Вас лично изборот на името, имајќи ја предвид Вашата емотивна врска со КУД „Македонија“ и долгогодишното сценско искуство?
– Ансамблот „Македонија“ настана по формирањето на насоката за традиционална музика во 2001 година во Средното музичко училиште. Во 2007 година се отвори Катедрата за етнокореологија при Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“. Се создаде кадар од уметници што сакаат да концертираат, да истражуваат и да се изразуваат сценски и уметнички. Во 2012 година дојде менаџер од Јапонија што истражуваше во Македонија и сакаше да однесе ансамбл на двомесечна турнеја во Јапонија. Тој бараше нешто поинакво – автентично. Така се роди ансамблот „Македонија“, кој денес е единствен од ваков тип на Балканот. Ние не работиме авторски кореографии, ниту обработена музика, туку сценски ја адаптираме автентичната култура. Во ансамблот се негуваат не само македонските традиционални вредности туку и културата на Власите, Ромите, Албанците, Турците – целото население што живее во Република Македонија. Името „Македонија“ настана едноставно и емотивно. Уште како дете играв во културно-уметничко друштво од егејската енклава, кое се викаше КУД „Македонија“. Тоа друштво постоеше од 1972 до 1992 година и го водеше Коле Рошев, голем познавач на традицијата. Таму ја научив основата на традиционалниот репертоар од егејскиот дел на Македонија. Во 1986 година преминав во ансамблот „Танец“ како професионален игроорец, а во 2001 година ја завршив сценската дејност и преминав во Средното музичко училиште во насоката за традиционална музика. Можеби од таму, од КУД „Македонија“, потекнува мојата емотивна врска со името. Кога менаџерот од Јапонија побара да се појавиме таму, веднаш ми дојде идејата дека треба да бидеме ансамбл „Македонија“. Овој ансамбл навистина ја негува македонската традиција и заслужува да го носи тоа име.
































