ПОВОД: СВЕТСКИОТ ДЕН НА СЛУХОТ – 3 МАРТ
РАЗГОВОР СО ПРИМ. Д-Р ВАЛЕНТИНА ИВАНОВСКА, СУПСПЕЦИЈАЛИСТКА ПО ОРЛ, АУДИОЛОГ
- Слухот има драматично влијание врз развитокот на јазикот и социјалниот живот и поради тоа од огромна важност е навремено дијагностицирање на оштетувањата на слухот за навремена интервенција и минимизирање на ефектите од тоа, вели во разговор за „Нова Македонија“ прим. д-р Валентина Ивановска, оториноларинголог – супспецијалистка аудиолог при ЈЗУ Универзитетска клиника за уво, нос и грло во Скопје, Оддел за аудиологија и вестибулологија
Како една од кампањите на Светската здравствена организација (СЗО), секоја година на 3 март се одбележува Светскиот ден на слухот. Целта е да се издигне свеста за тоа како да се спречат глувоста и губењето на слухот и да се промовира грижата за ушите и слухот низ целиот свет. Според еден од податоците во текст објавен на сајтот на СЗО, за кампањата за оваа година, во согласност со Студија за глобално оптоварување на болести од 2021 година, губењето на слухот засега околу 90 милиони деца и адолесценти на возраст од 5 до 19 години. По повод Светскиот ден на слухот, разговараме со прим. д-р Валентина Ивановска, оториноларинголог – супспецијалистка аудиолог при ЈЗУ Универзитетска клиника за уво, нос и грло во Скопје, на Одделот за аудиологија и вестибулологија.
Вниманието насочено кон рана детекција на проблемите со слухот
Нашата соговорничка, која е еминентна експертка, вели дека слухот е сетило што е есенцијално за развој на говорот, когнитивниот развој, како и за социјално-емоционалната интеракција. Неговата важност особено е потенцирана во првите години од животот, кога функцијата на слухот е тесно поврзана со развојот на мозокот, а на доенчињата и малите деца им овозможува да научат да слушаат звуци, да разбираат говор и да ја осознаваат околината.
– Слухот има драматично влијание врз развитокот на јазикот и социјалниот живот на една индивидуа и поради тоа од огромна важност е навремено дијагностицирање на оштетувањата на слухот за навремена интервенција и минимизирање на ефектите од тоа. Вродената или стекната тешка наглувост и/или глувост кај новородените е поврзана со доживотни дефицити во развитокот на јазикот и говорот, со лоши академски перформанси, емотивни тешкотии и нарушен социјален живот. Над 270 милиони луѓе низ светот страдаат од оштетен слух. Едно до три на илјада новородени и две до четири на илјада новородени од единиците за интензивна нега се глуви и/или со тешка редукција на слухот.
Од овие причини уште од средината на 60-тите години од минатиот век вниманието беше насочено кон развој на методи за рана детекција, дијагноза и интервенција на деца што се глуви или тешко наглуви, а во 1995 година голем број професионални здруженија во рамките на Заедничкиот комитет за слух на доенчиња (Joint Committee on infant hearing – JCIH) го одобрија универзалниот скрининг како есенцијална компонента за рана детекција и интервенција на новородени со оштетен слух (Join Committee on Infant Hearing Position statement Pediatrics,1995; 95:152-56). Технолошкиот напредок на електрофизиолошките методи за објективна процена на слухот кај новородените ја отвори вратата за рана детекција и навремена интервенција кај децата со оштетен слух. Во Република Македонија, на Универзитетската клиника за уво, нос и грло, скрининг на слухот кај новородени се спроведува повеќе од 15 години, првично опфаќајќи ги новородените од ризичните групи, а по воведувањето на универзалниот скрининг на сите новородени во поголемите родилишта во земјава, кај нас се упатуваат доенчињата кај кои од одредени причини не е реализиран или не го поминале скринингот – вели д-р Ивановска во овој разговор за „Нова Македонија“.
Понекогаш, кај некои родители, е присутната загриженост поврзана со првата посета на детето на аудиолог и неговата реакција.
– Загриженоста на родителите во однос на развојот на детето секогаш е легитимна реакција. Секој родител поаѓа од одредени сомнежи – детето не се врти на име, не реагира на звучни дразби, нема развиен говор… Овие сомнежи особено се потенцирани во семејства со присутна историја на оштетен слух/глувост. Имајќи го предвид фактот дека голем дел оштетувања на слухот имаат генетска подлога, загриженоста кај родителите може да се надмине исклучиво со преглед и аудиолошка евалуација – вели прим. д-р Ивановска.
Губењето на слухот не познава возрасни граници
Нашата соговорничка одговара дека губењето на слухот не познава возрасни граници, така што истите фактори можат да го оштетат слухот на која било возраст. Сепак, на одредена возраст постојат предоминации на одредени типови на оштетен слух: при раѓање најчесто е сензоневрално оштетување заради генетски фактори или одредени влијанија поврзани со раѓањето или бременоста; во претшколска или школска возраст најчести се воспалителните процеси на средното уво, особено секреторниот отитис; кај адултната популација најчесто причина за загуба на слухот се хроничните заболувања (дијабетес, хиперлипидемија) и фактори од средината (бучава, медикаменти), а кај возрасните над 65 годишна возраст на сите овие фактори им се придружуваат и процесите на стареење.
Прим. д-р Ивановска, од својата долгогодишна пракса со огромен број пациенти од сите возрасти, вели дека не постојат знаци дека некое лице ќе почне да го губи слухот.
– Може да се проценат одредени фактори на ризик за оштетување и соодветно да се реализираат превентивни прегледи на изложените лица. На пример, за секреторниот отитис, кој е фокус на СЗО за оваа година, да се спроведуваат скрининзи на претшколските и школските деца во рамките на градинките и училиштата. Тимот од Одделот за аудиологија при Универзитетската клиника за уво, нос и грло во 2021 година учествуваше во мултицентрична студија за утврдување на преваленцата и факторите што придонесуваат за секреторниот отитис медија и за таа цел беа реализирани скрининг-прегледи на децата во градинките на територијата на градот Скопје. Од овие скрининг-прегледи беа дијагностицирани поголем број дечиња со оваа состојба, уште пред истите тие да пројават какви било симптоми на намалување на слухот. Исто така во фабриките и други институции во кои вработените се изложени на бучава, периодичните прегледи може рано да го откријат оштетувањето на слухот за да може навремено да се интервенира – вели таа.
Од нејзиното искуство, д-р Ивановска забележува дека пациентите се обраќаат за преглед кога ќе почувствуваат симптоми на намален слух; потешко разбираат говор – особено во бучна средина, имаат зуење во ушите, препрашуваат при разговор. Но, таа додава дека има и пациенти што одат на преглед превентивно, пред сѐ поради фамилијарна историја на оштетување на слухот. Што се однесува пак на детската популација, родителите ги носат децата за преглед кога доцнат со развојот на говорот, не се вртат на звуците или името, кога погласно го пуштаат тонот на телевизорот, или заостануваат со напредокот во училиштето.
Според неа, посетите кај аудиолог би требало да се реализираат кај пациенти регрутирани од периодичните скрининг и систематски прегледи во предучилишните и училишните институции во детската возраст, работните организации, фабрики, оркестри, како и според индикација од матичните лекари.
За да го одржиме добриот слух, д-р Ивановска го препорачува грижа за целокупното здравје, со развивање здрави навики, со избегнување на оние причинители што може да се избегнат: силни звуци, петарди, пукање од оружје, токсични супстанци.
– Но доколку, сепак, се почувствуваат какви било симптоми на намален слух, неопходен е преглед од оториноларинголог/аудиолог. Здравиот слух значи попријатен живот. Слухот има драматично влијание врз сите аспекти од социјалната комуникација и интеракција, емоционалниот развој, како и академските предизвици, и затоа е потребно оваа наша привилегија да ја чуваме како најголема драгоценост – заклучува прим. д-р Валентина Ивановска во разговор за „Нова Македонија“.
Слушалките да се користат разумно, во пократки периоди и во хигиенски услови
Во овој разговор се осврнуваме и на потенцијалните опасности при користењето слушалки.
– Современиот начин на живот и технолошките предизвици наметнуваат нови навики во живеењето и, секако, потреба да се приспособуваме кон нив. Ушните канали се отворени кон надворешниот свет и нивна функција е да ги собираат звуците и да ги насочуваат кон тапанчето, за да се пренесат понатаму кон мозокот. Со користење на слушалките го затвораме ушниот канал, при што се зголемува температурата во него, се создава влага заради потење и со тоа се создава предиспозиција за развој на инфекција на кожата на каналот. Некритично користење на слушалките со силен интензитет и долго време може да доведе до оштетување на сензорните елементи на внатрешното уво, кои, за жал, не ќе можеме да ги излекуваме. Затоа, би препорачала разумно користење на слушалките за пократки периоди, во хигиенски услови и со слаб интензитет, особено при движење на улица за да не се загрози личната и општата безбедност – советува д-р Ивановска. Ж.З.
Три вида на оштетување на слухот
Докторката Валентина Ивановска посочува три вида на оштетување на слухот:
– Кондуктивен тип, кога оштетувањето се должи на нарушување на функцијата на надворешното уво (затнување од ушна маст, воспаленија на ушниот канал) или на средното уво (акутни или хронични воспалителни процеси на средното уво, вклучувајќи го и секреторниот отитис, кој е најчест во детската возраст, како и перфорации на ушното тапанче).
– Сензоневрален тип, кога оштетувањето ги зафаќа сензорните елементи на внатрешното уво и настанува поради многубројни причини: генетски фактори, ототоксични медикаменти, вирусни инфекции, изложеност на силни звуци и бучава, метаболни нарушувања при системски болести, стареење…
– Мешан тип, кога оштетувањето на слушната функција се должи на лезии што ги зафаќаат и средното и внатрешното уво.
Живко Здравкоски































