За проектот „Роаминг како дома“
- Во изминатите години Македонија повеќепати се соочи со одложувања и дополнителни условувања во евроинтегративниот пат. Во тој контекст, приклучувањето кон европската роаминг-зона може да се чита како „тест за кредибилитетот и доследноста на европските институции“. И доколку земјата ги исполнува законските и техничките услови, очекувањето е обврските да бидат исполнети и од „другата страна“
Процесот на укинување на дигиталните граници меѓу Македонија и Европска Унија повторно влегува во фаза на конкретни најави. Додека во Брисел се отвора процедурата за проширување на европската роаминг-зона кон земјите од Западен Балкан, во Скопје се финализираат законските измени што треба да овозможат приклучување кон режимот „Роаминг како дома“.
Европска комисија најави дека ќе побара одобрение од Европскиот совет за започнување билатерални преговори со земјите од регионот, меѓу кои и Македонија. Целта е постепено интегрирање на овие држави во европскиот систем, што овозможува користење мобилен интернет, разговори и СМС-пораки без дополнителни трошоци при престој во земјите членки.
За македонските граѓани ова не е само техничка регулатива туку и прашање што директно се одразува врз секојдневниот живот. Во моментов, и покрај намалувањата на цените во рамките на Западен Балкан, патувањето во ЕУ и понатаму носи ризик од повисоки трошоци за мобилни услуги. Во Унијата дополнителните трошоци за роаминг се укинати, додека во регионот постои горна граница од 18 евра по гигабајт. Некои од операторите склучија доброволни договори за намалување на цените меѓу двете области, но тие не се трајни и не претставуваат системско решение.
Македонскиот министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски оцени дека процесот веќе има конкретна динамика. Според него, измените на Законот за електронски комуникации и соодветните подзаконски акти ќе бидат комплетирани до средината на март, по што ќе следува нивно доставување до европските институции за формална проверка на усогласеноста со европската регулатива. Сепак, приклучувањето кон режимот ќе зависи и од дополнителни договори со телекомуникациските оператори во ЕУ, што подразбира техничка и комерцијална координација.
Иако не се лицитира со конкретен датум, амбицијата на Владата е Македонија да биде меѓу првите земји од регионот што ќе ги исполни условите за приклучување. Тоа би значело дека македонските граѓани ќе можат да ги користат своите мобилни пакети низ ЕУ по исти тарифи како дома, и тоа без дополнителни давачки и без административни ограничувања.
– Придобивките за тоа се повеќеслојни. За граѓаните тоа значи пониски трошоци и сигурност при патување. За бизнис-заедницата тоа ќе значи олеснета комуникација и намалени оперативни расходи. За младите, студентите и работниците во странство тоа ќе значи континуирана поврзаност без финансиски притисок. Но надвор од економската логика, ова прашање има и симболична тежина: тоа е мерлив индикатор за степенот на европската доследност, конечно нешто да направи конкретно во врска со сигналите за интеграција на Македонија во пракса – вели нашиот соговорник Бобан Стојчевски, ИТ-инженер.
Според други соговорници, политички аналитичари, овој процес има и политичка димензија. Во изминатите години Македонија повеќепати се соочи со одложувања и дополнителни условувања на евроинтегративниот пат. Во тој контекст, приклучувањето кон европската роаминг-зона може да се чита како „тест за кредибилитетот и доследноста на европските институции“. И доколку земјата ги исполнува законските и техничките услови, очекувањето е обврските да бидат исполнети и од „другата страна“.
– Роамингот можеби изгледа како техничко прашање, но во суштина станува збор за доверба. За доверба во европските правила, во ветувањата и во принципот на еднаков третман. По години на политички декларации, граѓаните очекуваат конкретни, реални и мерливи резултати и олеснувања во секојдневието. Доколку дигиталните граници навистина се укинат, тоа ќе биде чекор напред што граѓаните директно ќе го почувствуваат. Но истовремено ќе остане и пораката дека европската интеграција не се мери само со политички изјави туку и со практични придобивки што го подобруваат животот. Во спротивно, уште едно ветување ќе остане во редицата на недовршени европски приказни – велат нашите соговорници. Е.Р.

































