Фото: Пиксабеј

Ново истражување покажува дека менталната бистрина може значително да влијае врз дневната продуктивност – и тоа во обем што одговара на околу 40 дополнителни минути ефективна работа. Разликата меѓу најпродуктивниот и најслабиот ден, според резултатите, може да достигне и до 80 минути, пренесува РТС, студија објавена од Сајанс алерт (Science alert)

Студијата ја спровел истражувачки тим од Универзитетот Торонто Скарборо во Канада. Намерата била да се утврди зошто во одредени денови задачите ги завршуваме лесно и брзо, додека во други имаме чувство дека едвај напредуваме.

Во истражувањето учествувале 184 студенти, кои биле следени во текот на 12 недели. Тие секојдневно решавале тестови за проценка на когнитивните способности, а потоа пријавувале дали ги исполниле целите што си ги поставиле. Наместо да ги споредуваат учесниците меѓусебно, научниците ги анализирале промените кај секој поединец од ден на ден.

Резултатите покажале јасна поврзаност: кога менталната острина е на повисоко ниво, луѓето не само што реализираат повеќе обврски, туку се охрабруваат да постават и поамбициозни цели. Обратно, во денови со намалена концентрација и фокус, продуктивноста значително опаѓа.

Психологот Цендри Хачерсон истакнува дека истражувањето било насочено кон разбирање на феноменот кога „сè ни оди од рака“, наспроти деновите кога се чувствуваме како да се пробиваме низ ментална магла.

Во фокусот бил и т.н. јаз меѓу намерата и однесувањето – односно разликата помеѓу она што планираме да го направиме и она што навистина го постигнуваме. Менталната бистрота се покажала како фактор што може да го прошири или намали тој јаз. Иако личните карактеристики како самодисциплина и совесност влијаат врз општото ниво на ефикасност, тие не ги елиминираат секојдневните колебања во когнитивната функција.

Според истражувачите, врз менталната острина влијаат повеќе елементи – квалитетот на сонот, степенот на стрес, мотивацијата и одвлекувањето на вниманието. Сепак, Хачерсон нагласува дека не мора секој ден да биде максимално продуктивен и дека е важно понекогаш да покажеме разбирање кон себе.

Иако студијата не докажува директна причинско-последична врска, таа ја потврдува секојдневната перцепција дека „добар“ или „лош“ ден навистина постои. Како практични насоки се издвојуваат: редовен и квалитетен сон, превенција од прегорување и справување со депресивните состојби.

Главната порака е јасна – сите поминуваме низ фази на повисока и пониска ментална подготвеност. Дел од тие осцилации не можеме целосно да ги избегнеме, но на некои фактори сепак можеме свесно да влијаеме.