Негрижата од официјална Тирана го отежнува секојдневието на македонското малцинство во Албанија
- Додека Албанија се претставува пред Европа како модел на интеграција, со модерни закони и европска реторика, нејзините периферии, особено македонските села во Голо Брдо, се симбол на заборав и институционална рамнодушност. Европските стандарди се споменуваат во говори и стратегии, но во Голо Брдо тие се само празни зборови. Реалноста е мрак, нефункционално осветлување, распаднати патишта и отворени канализации. Ако не се вложат минимални инвестиции – патишта што ќе ја поврзат македонската заедница, осветлување што ќе донесе чувство на безбедност, водоснабдување што ќе обезбеди достоинствен живот и управување со отпад што ќе ја заштити природата – оваа област ќе продолжи да пропаѓа. Не со војна, ниту со природна катастрофа, туку со тивко празнење и заборав
Голо Брдо денес не е само географска област, тоа е симбол на институционалниот заборав и рамнодушноста што ја обвива македонската заедница во периферијата на Албанија. Иако постои на административните карти и во официјалните документи, оваа област е сведена на сенка без реален живот. Македонските села се празни, куќите затворени, а луѓето, оние што некогаш ја одржувале заедницата, ги чувале традицијата и јазикот, одамна заминале во потрага по подобра иднина. Државата, наместо да ја третира периферијата како дел од сопственото тело, ја претвора во симбол на заборав. Институциите не вложуваат во патишта, не обезбедуваат осветлување, не се грижат за водоснабдувањето и управувањето со отпад. Секојдневието на Македонците во Голо Брдо е сведено на борба со калливи улици, нефункционални електрични мрежи и отворени канализации. Оваа рамнодушност не е случајна – таа е системска, длабоко вкоренета во политичките и економските приоритети на државата. Голо Брдо станува пример за тоа како една држава може да ја претвори сопствената периферија, а со тоа и македонската заедница, во „административна сенка“ – постои само како име, но не и како живо ткиво. Наместо да биде мост меѓу култури и етнички заедници, областа е оставена да се празни, да исчезнува во тишина. Ова тивко празнење е најопасната форма на исчезнување: не се случува преку војна, ниту преку катастрофа, туку преку постојано занемарување – занемарување што ги брише меморијата и иднината на Македонците во Голо Брдо.
Инфраструктурен пустош
Патиштата низ Голо Брдо претставуваат хроника на занемарување. Длабоки дупки, распукана земја и траги од години без никаква интервенција сведочат за целосна рамнодушност. За жителите, секое патување е ризик – автомобилите се оштетуваат, пешаците се борат со кал и прашина, а секојдневието се претвора во постојана борба со инфраструктурниот пустош.
Административниот центар Булќиза постои само на хартија како врска за оваа заедница. Во реалноста, тој е далечен и недостапен. Жителите одамна ја изгубиле довербата дека Булќиза може да им обезбеди услови за нормален живот. Наместо тоа, соседниот град Дебар, во Македонија, ја презема улогата на вистинскиот центар за преживување – таму се оди по лекови, таму се бара медицинска помош, таму се купуваат основни производи.
Граничните премини, како Џепишти-Требиште, функционираат само сезонски, со ограничено работно време, како да се привремена услуга, а не трајна потреба. По нивното затворање, целата област останува практично отсечена од светот. Жителите живеат со постојан страв од итни здравствени случаи, бидејќи патот до Булќиза е долг и катастрофален.
– Ако некој добие срцев удар навечер, нема спас – сведочи еден локален жител, кој повеќе од една деценија се бори со хронични здравствени проблеми. Неговите зборови не се само лична болка туку и колективна вистина за целата заедница.
Селата како огледало на занемарувањето
Јавното осветлување, поставено пред повеќе од една деценија, е речиси целосно нефункционално. Навечер селските центри се обвиени со полумрак, што создава чувство на небезбедност и напуштеност. Она што некогаш било живо средиште на заедницата, денес е сведено на неколку мали продавници и барови што едвај го одржуваат пулсот на местото.
– Навечер кога ќе излезеш, имаш чувство дека си во напуштено место. Нема светлина, нема луѓе, само тишина и сенки. Се чувствуваш како да си заборавен од сите – вели еден жител на Голо Брдо, опишувајќи ја секојдневната реалност.
Секој празен двор зборува за емиграцијата, секој нефункционален столб за осветлување сведочи за заборавот, а секоја минимална економска активност е последна линија на отпор против целосното исчезнување.
Политичката недоверба ја претвора областа во резервоар за манипулација
Жителите на Голо Брдо отворено зборуваат за својата длабока недоверба во изборните процеси. За нив, изборите не претставуваат празник на демократијата, туку повторувачка сцена на политичка трговија каде што гласот се сведува на стока со ниска цена. Гласовите се купуваат со пакети брашно и ветувања што никогаш не се исполнуваат.
– Секогаш доаѓаат пред избори со ветувања и подароци, а потоа исчезнуваат. Нашиот глас за нив е само бројка, а нашите проблеми никогаш не се решаваат – вели еден жител, опишувајќи ја атмосферата на недоверба.
Политичките партии се појавуваат само во предизборниот период, со готови списоци и упатства за тоа како треба да се гласа. По завршувањето на изборите, областа повторно тоне во заборав – без никакви инвестиции, без инфраструктурни подобрувања, без минимална грижа за секојдневните проблеми.
Заборавената димензија на екологијата и здравството
Потоците низ Голо Брдо одамна ја изгубиле својата природна функција. Наместо да бидат извори на свежина и живот, тие се претворени во импровизирани депонии. Канти за отпад никогаш не се поставени, а селата живеат со сликата на пластични шишиња, хартија и остатоци од домаќинства што се таложат покрај водата.
Канализацијата, наместо да биде регулирана и затворена, се фрла отворено во некои делови од селата. Летните месеци ја претвораат оваа реалност во неподнослива состојба: силен мирис, загадување и постојан ризик од зарази. Децата растат покрај сметишта и отворени канализации – симбол на тоа како државата ја игнорира иднината на сопствените граѓани.
– Кога ќе дојде лето, не можеме ни прозорец да отвориме. Мирисот е толку силен што те тера да бегаш од сопствениот дом. А децата играат покрај сметот – тоа е најголемата болка – вели еден од локалните жители, опишувајќи ја секојдневната закана за здравјето.
Земјоделството и енергетиката во застој
Земјоделството во Голо Брдо одамна ја изгубило својата економска функција и е сведено на гола борба за преживување. Малкуте жители што ја обработуваат земјата го прават тоа не за пазар, туку за сопствена исхрана. Масовната емиграција и отсуството на инфраструктура го претворија земјоделството во тежок товар, а не во надеж за иднината.
Енергетската состојба е уште еден показател за запоставеноста. Електричната мрежа е застарена, со дрвени столбови и висечки жици што опасно се протегаат над неасфалтираните улици. Во зимските месеци, прекини од три до четири дена без струја се нормална појава. Жителите се принудени да живеат во мрак и студ, без можност за загревање и без електрична енергија за најосновни потреби.
– Кога ќе ни ја исклучат струјата, со денови живееме со свеќи и огнови. Во 21 век ние сме како да сме останале во минатиот век. Земјата ја обработуваме само за да преживееме, а струјата ни ја одзема и малата надеж што ја имаме – вели еден жител, опишувајќи ја секојдневната борба. Д.Ст.
Зошто Албанија дозволува ваква поразителна ситуација?
Прашањето зошто Албанија дозволува една цела област како Голо Брдо да тоне во заборав не е само локално туку и национално прашање. Периферните етнички заедници, како Македонците во Голо Брдо, се третираат како маргинални и без политичка тежина. Тие немаат доволно бројност за да влијаат врз изборните резултати, па затоа нивните проблеми ретко стануваат дел од националната агенда.
Инвестициите се концентрирани во урбаните центри – Тирана, Драч, Елбасан – додека руралните области се оставени да се празнат. За државата, економската логика е едноставна: вложувањето во перифериите не носи брзи резултати, ниту политички поени.
– Албанија сака да изгледа модерно пред Европа, но зад фасадата има цели региони што живеат во услови од минатиот век. Ова е свесна политика на занемарување – државата знае дека ако не обезбеди услови за живот, луѓето сами ќе си заминат. Така се добива демографско поле без етничка разновидност, без потреба од директна асимилација – нагласува еден аналитичар од Тирана.
Недостигот од инфраструктура и услуги индиректно ги поттикнува жителите да заминат. Со секое заминување, етничката разновидност во регионот се намалува, а државата добива „чисто“ демографско поле. Ова е тивка политика на асимилација преку иселување: ако нема услови за живот, луѓето ќе си заминат. А кога ќе си заминат, ќе остане само празна територија.
Апелите на македонското малцинство во Албанија треба да допрат до властите и надлежните институции во Тирана, која не смее да продолжи да ги занемарува сопствените граѓани, лишувајќи ги од основните услови за нормален живот. Д.Ст.

































