Талибанците објавија дека донеле нов Кривичен закон со кој им се дава право на мажите да применуваат физичко насилство врз жените и децата. Законот предизвика широка загриженост за заштитата на семејствата во Авганистан, бидејќи предвидува и казни за жените кои бараат засолниште во семејни домови за да избегнат злоупотреба, пренесе МИА.
На 21 февруари беше усвоен новиот закон, со кој мажите можат да ги тепаат своите „сопруги и деца“, доколку тоа не резултира со „видливи фрактури или отворени рани“. Семејното насилство е класифицирано како „дискреционо“ прашање, а не како кривично дело.
Според „Телеграф“, законот од 60 страници е потпишан од врховниот лидер на Талибанците, Хибатула Ахунџада, и веќе е доставен до судовите низ земјата.
Со новата регулатива, мажите добиваат овластување да користат сила во семејството, а дури и во случаи на сериозни повреди максималната казна не надминува 15 дена затвор. Формулацијата на законот дополнително го отежнува докажувањето на такви повреди.
Законодавството не обезбедува јасни механизми за заштита од физичко, психолошко или сексуално насилство. Жените кои сакаат да поднесат жалба мора да ги покажат повредите пред машки судија и во присуство на машки старател, честопати сопругот.

































