Фото: МВР

Системот за видеонадзор „Безбеден град“ вчера регистрирал вкупно 526 сообраќајни прекршоци, соопшти Министерството за внатрешни работи, посочувајќи дека за првпат од почетокот на функционирањето не е евидентиран ниту еден случај на минување на црвено светло.

Од вкупниот број прекршоци, 84 се сторени од возачи кои управувале возила со странски регистарски таблички.

Најголемиот дел, односно 504 прекршоци, се однесуваат на управување со возило со брзина над дозволената, додека 22 случаи се регистрирани за возење со сообраќајна дозвола со истечена важност.

МВР информира дека вчера биле изречени и 17 мерки забрана за управување со возило, сите поради пречекорување на брзината. Од нив, 13 се однесуваат на возење со брзина поголема од 80 километри на час во населено место, а четири за надминување на ограничувањето за повеќе од 10 километри на час над дозволеното според техничките карактеристики на возилото.

Во рамките на дозволената толеранција при мерењето на брзината, системот вчера толерирал вкупно 3.336 возачи.