Архивска фотографија (Фото: Маја Јаневска-Илиева)

Состојбата со приватните превозници во јавниот градски превоз во Скопје е стабилизирана, а проблемите што се појавија во претходниот период се надминати. Застојот на дел од автобуските линии бил предизвикан од технички дефект на АВЛ опремата, односно ГПС валидаторите во автобусите, поради што одреден број возила не можеле навремено да се вклучат во сообраќај. Овој проблем е целосно решен и граѓаните повторно можат да го користат јавниот превоз безбедно, редовно и навремено, пренесе МИА.

Во заедничко соопштение од компаниите Јофи Бус, Вестор Транс и Радос Компани се нагласува дека комуникацијата и соработката меѓу приватните превозници, ЈСП – Скопје и Градот Скопје, особено во финансискиот дел, е значително подобрена во споредба со претходните месеци. Само во последните три месеци биле исплатени 72 милиони денари, а од март ќе продолжи континуирана и редовна исплата.

Приватните превозници истакнуваат дека остануваат посветени на стабилен, функционален и сигурен јавен превоз и секојдневно работат на надминување на предизвиците со кои се соочува системот. Тие им се извинија на граѓаните за непријатностите и ограничувањата предизвикани од техничките проблеми и изразија благодарност за нивното трпение и разбирање.