Министерот за здравство Азир Алиу денеска на прес-конференција во Владата објави дека на шест компании им се одземени лиценците за одгледување канабис за медицински цели. Причината, како што нагласи, се констатирани сериозни недоследности во нивното работење.
Лиценците им се одземени на „Алфафам“ – компанија која претходно беше поврзана со шверц на марихуана во Србија – како и на „Грин лајф“, „ЦБД Медплант“, „Лајф Плант“, „Атафарм“ и „Канабидоис“, пренесе МИА.
– Одлуките на Владата се засноваат на наодите од извршените контроли – несоодветно складирање на сувиот цвет, недоследни известувања до Комисијата, недоставена целосна документација за продажба и трансфер – посочи Алиу.
Тој информираше дека досега се спроведени контроли кај 13 правни субјекти, а во наредниот период ќе бидат опфатени сите 43 компании кои имаат лиценца за одгледување канабис за медицински цели.
Алиу најави и ново законско решение, кое ќе биде подготвено по завршување на контролите.
– Детектиравме пропусти во законот и ќе имаме ново законско решение кое нема да може да се злоупотреби. Тоа ќе го оставиме на стручните лица, но ќе имаме законско решение кое ќе биде во согласност со ЕУ директивите и она што недостига на терен – рече Алиу.



































