Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Македонија се наоѓа во период на засилен економски развој, кој се одликува со нов бран странски инвестиции и значајни резултати во земјоделството. Тој нагласи дека Владата активно работи на привлекување инвеститори и дека најголем дел од проектите се во завршна фаза на подготовка, пренесе МИА.

– Во моментов во почетна фаза на реализација, или во фаза на потпишување договори за државна помош и слично се од прилика 17 проекти, во вкупна вредност од над 650 милиони евра кои што треба да обезбедат од прилика помеѓу 4500-5000 нови директни работни места и очекувам оваа година најголемиот дел од овие проекти да бидат отпочнати со производство, што, исто така, ќе додаде вредност во вкупниот бруто-домашен производ на државава а колку е тој поголем, толку повеќе ние ќе имаме пари за реализирање на ваков вид капитални инвестици – изјави премиерот за време на увидот во изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани (Коридор 8).

Тој дополни дека покрај проектите во рамки на ТИРЗ, се реализираат и инвестиции надвор од зоните.

– Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари – дополни премиерот.

Во продолжение, Мицкоски се осврна на земјоделството, кое според него бележи рекордни резултати и повторно станува значаен економски столб.

– Навистина импресивни се резултатите во земјоделието во четвртиот квартал, повеќе од двојно е поголем извозот во земјоделието отколку увозот на земјоделски производи. Само во четвртиот квартал имаме околу 12,5 милијарди денари што е навистина импресивна бројка, споредено со целата година, имаме преку 450 милиони евра извоз на земјоделски производи, наспроти околу 200 милиони увоз – рече тој.

Премиерот додаде дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци.

– Земјоделието повторно станува одличен драјвер на македонската економија. За жал, откривме дека дел од лицата кои се декларираат како земјоделци всушност ги злоупотребуваат субвенциите. Во новата програма поддршката ќе ја добиваат вистинските земјоделци, кои реално произведуваат и придонесуваат – нагласи премиерот.