Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна посета на рудниците и производствените капацитети на „Мермерен Комбинат АД Прилеп“. Станува збор за компанија која е еден од најпрепознатливите индустриски брендови во земјата и значаен извозник на македонски мермер на светскиот пазар, информира Министерството.
За време на посетата, министерката направи директен увид во процесите на експлоатација на мермерот, условите за работа, примената механизација и технолошките постапки што се користат при ископувањата.

Раководството ја запозна Божиновска со тековните инвестиции во модернизација на опремата, унапредување на технолошките процеси, мерките за безбедност и рационално користење на природните ресурси. Посебен акцент беше ставен на одржливото управување со наоѓалиштето и заштитата на животната средина.
На средбата се разговарало и за почитување на еколошките стандарди и концесиските обврски, безбедносните услови за вработените, како и придонесот на компанијата кон локалната економија и можностите за зголемување на додадената вредност преку финална обработка на производите.
Божиновска нагласи дека ваквите теренски посети се важни за реален увид во состојбата на секторот и за креирање политики засновани на факти.
– Природните ресурси се национален капитал и нивната експлоатација мора да значи поголема економска корист за државата и граѓаните. Наш приоритет е природните ресурси да носат долгорочна корист — преку инвестиции, нови технологии, безбедни работни услови и поголем степен на финална обработка. Рударството има силна економска улога, но неговиот развој мора да биде одговорен, транспарентен и во согласност со највисоките стандарди. Нашата цел е јасна — модерно, одговорно и конкурентно рударство кое создава вредност дома, отвора работни места и обезбедува одржлив развој. Компаниите кои инвестираат во технологија, безбедност и заштита на животната средина се важен партнер во економскиот развој – истакна министерката.
Посетата е дел од пошироките активности на Министерството насочени кон засилено присуство на терен, подобра комуникација со индустријата и унапредување на надзорот и одржливото управување со минералните ресурси.

































