Фото: ВМРО-ДПМНЕ центар за комуникации

Во Скопје се одржа конференцијата на Паневропската Унија на Македонија, посветена на европската иднина на Западен Балкан, политичката интеграција и економските предизвици што ги носат глобалните процеси. Говорниците испратија порака дека регионот е составен дел од европската архитектура, а не нејзина периферија, нагласувајќи дека Европа се наоѓа пред момент на одлучување – континент кој се соочува со демографски пад, миграциски притисоци и потреба од нови извори на енергија.

Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање оцени дека Европа веќе е во фаза каде демографските падови ја поттикнуваат нелегалната миграција.

– Демографијата е сериозен проблем што во годините што следуваат ќе претставува предизвик за Европа и за светот, а особено за европскиот континент. Проблемот со демографијата подразбира и емиграција. Често таа емиграција е нелегална. Често таа мотивира популистички структури во општеството кои водат политика по принципот catch all — политички структури од крајно лево до крајно десно кои се обидуваат да мобилизираат гласови и често добиваат простор на политичката сцена со радикални ставови. Тие радикални ставови создаваат радикализација во општеството. Таквата радикализација не е добра за Европа како континент. А ако не е добра за Европа, тогаш не е добра ниту за САД. Го цитирам државниот секретар Рубио од неговиот говор во Минхен, кога рече: „Ние сме дете на Европа.“ Ако не е добра за две од трите најголеми глобални сили – Европа и САД – тогаш не е добра ниту за човештвото – рече премиерот.

Мицкоски го посочи и парадоксот на земјите од Западен Балкан, особено на Македонија, која физички е на надворешната граница на ЕУ, но се справува со миграции што потекнуваат од земји членки.

– Зошто се потребни тие мигранти и зошто дел од политичките структури во Европа ги толерираат? Поради веќе ниското ниво на фертилитет и глобалните предизвици, Европа има потреба од работна сила – најчесто луѓе кои доаѓаат од трети земји, од други континенти, од различни култури и менталитети. Тоа носи свои предизвици и специфики. Често сведочиме насилства на улиците, пораки кои немаат никаква врска со европските вредности во кои веруваме и кои ги споделуваме. Тоа создава радикализација, а радикализацијата води кон многу лоши времиња. Колку побрзо како континент ќе станеме свесни за ова, толку подобро ќе биде за сите нас – посочи тој.

Во завршниот дел од говорот, премиерот се осврна на енергетиката и историската можност што се отвора за регионот.

– Потребата од електрична енергија ќе расте два и пол пати побрзо од вкупната глобална потреба за енергија. Целиот свет денес зборува за вештачка интелигенција, а она што ја погонува – е електричната енергија. Во следната декада светот ќе има потреба од дополнителни 40.000 тера вати нов инсталиран капацитет. Тоа можеби звучи апстрактно, но тоа е приближно колку денес имаат САД, Канада, Европската Унија и Јапонија заедно – рече премиерот.

Тој ја најави иницијативата Skopje Electricity Connectivity Initiative, која има цел да ги обедини шесте земји од Западен Балкан за заеднички настап и привлекување дел од глобалниот инвестициски бран.

– Поединечно не сме доволно атрактивни, но обединети можеме да привлечеме барем 0,1 отсто од тие 40.000 тера вати што ќе се инсталираат во следната деценија. Тоа се 4 тера вати, односно 4 милиони мега вати инсталиран капацитет. Помножено со цената на мега вати, тоа претставува околу 4 трилиони долари. Поделено на 10 години, тоа е околу 400 милијарди долари потенцијален инвестиционен капацитет за регионот. Тоа е само 0,1 отсто од она што ќе му биде потребно на човештвото во следните десет години – а е речиси двојно повеќе од вкупниот номинален БДП на сите шест земји од Западен Балкан заедно. Ова стои пред нас. Од нас зависи дали ќе ги трансформираме нашите држави и нашето општество, или ќе продолжиме да тонеме во нашето балканско политичко мочуриште, останувајќи предмет на потценување и подбив. Од нас зависи дали ќе ја кроиме сопствената иднина или, како многупати во историјата, ќе дозволиме некој друг да ја крои наместо нас – нагласи премиерот.

Воедно, тој повтори дека во процесот на пристапување во ЕУ Македонија е жртва на класичен булинг, што, како што рече, веќе го признаваат и политичари во Брисел.