Фото: Пиксабеј
  • Четврти пат ЗОИ ќе се одржат во Франција, а следното издание е предвидено во 2030 година на Француските Алпи. Организаторите на ЗОИ 2030 ја потврдија својата амбиција да овозможат спектакуларни Зимски олимписки игри, кои ќе бидат „длабоко вкоренети во локалното подрачје и водени од силна посветеност на одговорноста за животната средина“, пишува ИОК

По Шамони во 1924 година, Гренобл во 1968-та и Албервил во 1992 година, доаѓаат Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2030 година на Француските Алпи. Четврти пат ЗОИ ќе се одржат во Франција, а следното издание е предвидено од 1 до 17 февруари 2030 година, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
На 145-та сесија, одржана кратко пред ЗОИ 2026 во Милано и во Кортина д`Ампецо, организаторите на ЗОИ 2030 на Француските Алпи ја потврдија својата амбиција да овозможат спектакуларни Зимски олимписки игри, кои ќе бидат „длабоко вкоренети во локалното подрачје и водени од силна посветеност на одговорноста за животната средина“, пишува ИОК.
ЗОИ 2030 на Француските Алпи ќе црпат инспирација од еден од големите успеси на неодамнешните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година, употребата на постојни или привремени објекти. Овие објекти, кои чекаат потврда, ќе сочинуваат 93 проценти од објектите на ЗОИ 2030 и се идеален начин да се следат локалните планови за развој и препораките од Олимписката агенда 2020 и 2020+5, пишува ИОК. Се очекува објектите на ЗОИ 2030 да бидат распоредени во четири главни области, Горна Савоја, Савоја, Бријансон и Ница. Некои легендарни локации за зимски спортови ќе бидат домаќини на олимписки настани, како што се Анси-ле Гран Борнан за биатлон и Ла Плањ за лизгачки спортови.
Програмата на настаните уште треба да се финализира, но ќе бидат вклучени седум спорта: биатлон, боб, карлинг, хокеј на мраз, санкање, лизгање и скијање. Овие спортови се вклучени на сите Зимски олимписки игри од Нагано во 1998 година. Дополнителни спортови може да бидат предложени од организацискиот комитет на ЗОИ 2030, со кој претседава Едгар Гроспирон, двоен олимписки медалист во могул.
– Одлуката за сите дисциплини и сите дополнителни спортови ќе се донесе во јуни годинава, заедно со настаните и квотите за спортисти – објасни ИОК.
Покрај создавањето врска помеѓу северот и југот на Француските Алпи, овие ЗОИ имаат цел да се справат со многуте предизвици со кои се соочуваат планинските региони во време кога климатските промени имаат сѐ поголемо влијание врз зимските спортови, а поради оваа причина, заштитата на животната средина игра голема улога во визијата на организацискиот комитет за ЗОИ 2030, пишува ИОК.
– Направивме избори за време на фазата на лицитирање за да го подобриме јаглеродниот отпечаток на нашите планини. Наместо да инвестираме во паркинзи што би поттикнале користење приватни автомобили, решивме да инвестираме во мултимодални центри: автобуси, возови… Се фокусираме на промовирање јавен превоз со ниски јаглеродни емисии. Друг пример е тоа што во нашата програма имаме два лифта во долината, повторно за да избегнеме или да намалиме сообраќај помеѓу долината и одморалиштата – рече Гроспирон за интернет-страницата на Интернационалниот олимписки комитет.
Таквиот проект би можел дури и да им овозможи на гледачите што патуваат од Париз да стигнат до местата за натпревари без да користат приватен автомобил. Овој детаљ би можел да има трајно влијание далеку по Зимските олимписки игри, пишува ИОК. Н.М.