Фото: ЕПА
  • Во античката римска арена во Верона, пред 12.000 гледачи, околу 1.500 спортисти ќе ги прослават своите подвизи со италијанска музика и танц во заднина, пишува агенцијата АП

Градот засекогаш поврзан со Ромео и Јулија, Верона, утре ќе биде домаќин на затворањето на Зимските олимписки игри (ЗОИ) што се одржуваат во Милано и во Кортина д`Ампецо, во античката римска арена, каде што околу 1.500 спортисти ќе ги прослават своите подвизи со италијанска музика и танц во заднина, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Познатиот балетски танчар Роберто Боле вежбаше за церемонијата на затворање во „Арена ди Верона“ неделава под превез на тајност, заедно со околу 350 волонтери, за спектаклот насловен „Убавина во движење“, кој ја прикажува убавината како нешто по природа динамично, пишува АП.
– Убавината не може да се фиксира во времето. Овој антички споменик е прекрасен ако е жив, ако продолжува да се менува. Ова е она што сакаме да го раскажеме: Италија што се менува, а, исто така, и убавината на движењето, убавината на спортот и убавината на природата – рече продуцентот на церемонијата, Алфредо Акатино.
Други главни италијански уметници што ќе настапат се пејачот Акиле Лауро и диџејката Габри Понте, чии хитови можеа да се слушнат како ечат од арената за време на пробите. Внатре во шатор што служи како гардероба, шивачките ги завршуваат костимите инспирирани од светот на операта, додека волонтерите се подготвуваат за сцената, пишува АП. Арената е место за популарна забава уште од нејзината изградба во 1 година од н.е., со децении постара од поголемиот римски Колосеум. Акатино рече дека античкиот споменик ќе донесе некои изненадувања од своите огромни тунели.
– Под арената има мистериозен свет што крие сѐ што се случило. Во одреден момент, овој свет ќе излезе на виделина – рече Акатино, ветувајќи „нешто многу убаво“, пренесе АП.

Церемонијата ќе биде отворена со спортисти што триумфално ќе парадираат низ „Пјаца Бра“ во арената, која некогаш служела како сцена за гладијаторски борби и за лов на егзотични ѕверови. Сцената на церемонијата на затворањето на Игрите беше инспирирана од капка вода, наменета симболично да ги обедини олимписките планински места со долината на реката По, каде што се наоѓаат Милано и Верона, а наедно служеше како потсетник дека Зимските игри се преобликуваат од климатските промени, пишува АП.
Верона беше избрана поради нејзиното уникатно место и релативно централна локација, рече Марија Лаура Јасконе, раководителка на церемониите на локалниот организациски комитет. Таа најави поинтимна вечер од церемонијата на отворањето на фудбалскиот стадион „Сан Сиро“ во Милано, со околу 12.000 луѓе, кои ќе присуствуваат на затворањето, во споредба со повеќе од 60.000 за отворањето. Церемонијата ќе заврши со гаснење на олимпискиот пламен. Светлосно шоу ќе го замени огнометот, кој не е дозволен во Верона за да се заштитат животните од вознемирување, пишува АП.
Арената во Верона ќе биде и местото каде што ќе се одржи церемонијата на отворање на Параолимписките игри на 6 март. Н.М.