Фото: Кабинет на претседателката

Помилувањето не треба да се темели на висината на казната или на природата на кривичното дело, туку да го мери и оценува процесот на ресоцијализација на институцијата. Секој човек, дури и кога ќе направи сериозни животни грешки и ќе се најде изолиран, има право на втора шанса. Современите пристапи во ресоцијализацијата, пак, одат рака под рака со осовременување и хуманизација на условите во затворите, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во воведното излагање на Научно-стручната расправа по Предлог-законот за помилување, одржана на Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, пренесува МИА.

– Нашите затвори се уште не го исполнуваат овој услов – рече претседателката, потсетувајќи дека постојат укажувања оти државата може да се најде на удар на Советот на Европа, па дури и поради елементи на тортура во односот кон лицата лишени од слобода.

Таа оцени дека е добро што се пристапило кон изработка на нов закон, бидејќи актуелниот, како што истакна, „не личи на Закон особено ако мора да го читаме низ призма на она што го стори Уставниот суд менувајќи многу одредби“. Според неа, членовите на Комисијата не можат да имаат „истражни“ надлежности и да бараат информации од судови или агенции, ниту пак во нејзиниот состав треба да членуваат судии и адвокати.

Пред експертите од оваа област, претседателката отвори повеќе суштински прашања поврзани со законските решенија, нагласувајќи дека тие треба да се креираат имајќи предвид различни профили на претседатели. Меѓу темите што ги посочи беа сведувањето на минимум на дискреционото право на одлучување, улогата на Комисијата за политички систем, како и досегашната и идната надлежност на Министерството за правда.

– Бидејќи во ова постапување има секогаш простор за дискреционо однесување, прашањето е како да се сведе на минимум или дури како да се анулира дискрецијата, оти во демократски систем не треба да има простор за вакво постапување. И јас затоа одговорно овде тврдам дека секогаш работата сум им ја оставала на Комисијата. Како што ќе одлучи Комисијата така се однесувам и јас – рече Сиљановска-Давкова, додавајќи дека можеби таквата пракса треба експлицитно да се вгради и во законот.

Во рамки на дебатата, таа го отвори и прашањето дали е потребно донесување посебен закон за претседател.

– Еден ден треба да собереме сила и да донесеме закон за претседател, оти имаме закон за правата на претседателите кои не се претседатели, а немаме закон за претседател – истакна таа.

Говорејќи за казната доживотен затвор и дилемата дали дел од лицата осудени на ваква казна, со исклучок на делата за тероризам и против човештвото, треба да имаат поинаков третман на крајот од животот, Сиљановска-Давкова нагласи дека државата треба да ги следи препораките на Венецијанска комисија. Таа потсети дека Комисијата им препорачува на државите од поранешна Југославија „да го тргнат автентичното толкување да го лоцираат таму каде што му е место во Уставниот суд и да го тргнат од Парламентот“.

– Ние сме држава со најмногу автентични толкувања. Образложението од Венецијанска е дека не може еден состав сегашен да толкува што мислел еден во деведесетите години и дека лесно преку автентично толкување да дадете сосема поинаква интерпретација на некоја законска одредба. Дури има забелешка и за општите мислења на Врховниот суд исто така врз поделбата на власта – рече претседателката.

Таа ги сподели и споредбените искуства од регионот во однос на законите за помилување.

– Читајќи споредбени искуства, ќе кажам најпрво од регионот, еве го зедов словенечкиот, хрватскиот, црногорскиот, српскиот модел – гледам дека сепак има различни модели… – рече Сиљановска-Давкова, образложувајќи ги разликите меѓу рестриктивниот и транспарентен словенечки модел, насочениот дискреционен модел во Хрватска и поголемиот простор за дискреција во Црна Гора и Србија.

Таа укажа и на ограничувањата што во некои законодавства постојат во однос на делата кои можат да бидат предмет на помилување.

– Најчесто тероризмот, дела против човечноста, веќе сите знаеме дека никогаш не застаруваат… – рече претседателката, повикувајќи се и на книгата „Хашке недоумице“ на професорот Воин Димитријевиќ.

Претседателката на Здружение за кривично право и криминологија на Македонија, Александра Груевска-Дракулевски, истакна дека основната цел на Предлог-законот за помилување е воспоставување јасна и транспарентна постапка.

– Со овој закон се дефинираат видовите помилување… Една од најзначајните измени во предлог-законот е укинувањето на аболицијата – рече таа, нагласувајќи дека доколку текстот остане непроменет, усвојувањето на законот ќе мора да оди паралелно со измени на Кривичниот законик.

Таа потсети дека помилувањето е акт со кој се задира во судската одлука и дека затоа е неопходна порестриктивна примена на овој институт.

– Помилувањето и амнестијата како акти на милост се познати уште од најстари времиња… – истакна Груевска-Дракулевски, додавајќи дека со новиот закон се очекува да се надминат недоследностите од досегашниот Закон за помилување донесен во 1993 година и неговите подоцнежни измени.

Одговарајќи на новинарско прашање за можните злоупотреби, таа нагласи дека предлог-законот содржи механизми со кои тие се сведуваат на минимум.

– Правото за помилување бара една висока стручност, професионалност, одговорност при одлучувањето и висок степен на етичност – рече таа, посочувајќи дека предметите се разгледуваат со посебна внимателност и врз основа на комплетна документација.