Започна светиот месец Рамазан за припадниците на исламската вероисповед
Верниците од исламска вероисповед го започнаа светиот месец Рамазан, деветтиот месец од исламскиот календар, кој годинава трае 29 дена и завршува на 20 март, кога се одбележува празникот Рамазан бајрам.
Рамазан претставува месец на пост, молитва и духовно прочистување. Според исламското учење, во овој месец пред повеќе од 1.400 години првите стихови од Куранот му биле откриени на пророкот Мухамед. Постот е еден од петте столба на исламот и е задолжителен за сите полнолетни и здрави муслимани. За време на постот, верниците од изгрејсонце до зајдисонце се воздржуваат од јадење и пиење, како и од лоши зборови и дела, за физичко и духовно прочистување. Од обврската се изземени болните, бремените жени и лицата што вршат тешка физичка работа.
По завршувањето на постот следува тридневното чествување на Рамазан бајрам, кога семејствата се собираат на празнична трпеза, се посетуваат роднини и пријатели и се упатуваат честитки за здравје, мир и благосостојба. Првиот ден од празникот е државен празник и неработен ден за сите граѓани.
Во пресрет на месецот Рамазан, поглаварот на Исламската верска заедница на Македонија, реис-ул-улема Х. Хфз. Шаќир ефенди Фетаи, упати порака до верниците, нагласувајќи дека Рамазан е месец на внатрешен мир и морално преиспитување.
– Рамазан доаѓа како повик кон внатрешен мир и кон преуредување на нашиот живот околу она што е суштинско. Целта на постот е богобојазливоста. Богобојазливоста е постојана свесност за Алах, која го насочува човекот во мислата, зборот и делото. Таа е морална совест што го одржува човекот исправен и кога е сам, и одговорен и кога никој не го гледа – истакнува Фетаи во пораката.
Тој додава дека постот не подразбира само воздржување од храна и пијалак туку и од раздор, клевета и горделивост.
– Не е доволно да се пости со стомакот, треба да замолчи и злото во нас. Преку постот учиме благодарност за благодатите што често ги земаме здраво за готово, стануваме почувствителни кон состојбата на оние што се во потреба и ја зајакнуваме меѓусебната одговорност – порачува реис-ул-улемата.
Во својата порака, Фетаи повика овој Рамазан да биде месец на прочистување на срцата, зацврстување на верата и зајакнување на единството, посакувајќи им на верниците благословен месец, лесен и прифатен пост. Н.М.

































