Министерот за здравство Азир Алиу денеска порача дека пациентите со ретки болести ќе ги добијат неопходните лекови, најавувајќи дека годинава за првпат ќе се спроведе тригодишна набавка, наместо досегашната практика лековите да се обезбедуваат за период од една година.
-Владата од оваа година ќе има тригодишна набавка и можеби изгледа дека овој буџет е намален бидејќи методологијата беше поинаква, но ви гарантирам дека ниеден граѓанин и ниедно дете нема да останат без потребните лекови и без медицински третман бидејќи тоа е наша обврска како Министерство за здравство, како држава и како Влада и свесни сме дека овие граѓани треба да се лекуваат од самото детство – рече министерот Алиу одговарајќи на прашање на пратеничката Бисера Костадиновска поврзано со намалување на средствата за ретки болести, пренесува МИА.
Тој информираше дека е зголемен буџетот наменет за трансфер на знаење кај лекарите кои работат со пациенти со ретки болести.
-Имаме средби со надворешни експерти, кои работат со нашите лекари, за да имаме нови методи и лекување на овие пациенти, не само во однос на лековите туку и за другите третмани кои се екосистем за здравјето на овие деца – рече Алиу на седницата за пратенички прашања.
Министерот додаде дека се воведува стандардизација на процедурите, при што секој лекар што третира пациенти со ретки болести ќе мора да постапува според строго утврден протокол, како и софтверско решение преку кое ќе се следи состојбата на пациентот.
































