Повод: Изјавата на словачкиот премиер Роберт Фицо на средбата со Рубио дека „Србија, Црна Гора и Албанија се стопати поподготвени за членство во ЕУ од Украина“, А не ја спомна Македонија
- Во македонската стручна јавност особено се доживеа како разочарување кога викендов на средбата помеѓу словачкиот премиер Роберт Фицо и државниот секретар на САД, Рубио, словачкиот премиер не ја спомна Македонија во делот од државите што се навистина подготвени за членство во ЕУ, туку изјави дека „Србија, Црна Гора и Албанија се стопати поподготвени за членство во ЕУ од Украина“, не споменувајќи ја нашата земја… Дали станува збор за случаен пропуст или за показател дека Македонија не е доволно видлива во европските дипломатски кругови? Прашањето можеби звучи маргинално и симболично, но во политиката на проширување, перцепцијата често има исто толкава тежина колку и формалното исполнување на критериумите
Изјавата на словачкиот премиер Роберт Фицо дека „Србија, Црна Гора и Албанија се стопати поподготвени за членство во Европската Унија од Украина“, во која, за наша жал, не ја спомна Македонија, иако го заслужуваме тоа, отвори повеќе прашања отколку што понуди одговори. Но во македонската стручна јавност особено одекна фактот дека меѓу спомнатите држави не се најде и нашата земја. Дали станува збор за случаен пропуст или за показател дека Македонија не е доволно видлива во европските дипломатски кругови? Прашањето можеби звучи симболично, но во политиката на проширување, токму перцепцијата често има исто толкава тежина колку и формалното исполнување на критериумите.
Копенхашките критериуми и политичката реалност
Формално, пристапувањето кон Европската Унија се темели на Копенхашките критериуми – стабилни институции, владеење на правото, функционална пазарна економија и способност за преземање на обврските од членството. Македонија со години вложува во усогласување на законодавството и институционалните реформи. Но европската интеграција не е само технички процес, таа е и политичка одлука. А политичките одлуки се носат во центри на моќ како Брисел, Берлин и Париз. Таму се креира наративот за тоа кои држави се „подготвени“, а кои „треба уште да почекаат“. Ако Македонија не е експлицитно наведена како позитивен пример, тоа значи дека нејзината дипломатска порака не продира доволно силно.
Од реактивност кон проактивност
Според некои искусни дипломати од кариера, македонската дипломатија традиционално реагира по настани. Имено, по блокада, по изјава, по условување.
– Времето на реактивна политика помина. Денес е неопходна проактивна стратегија што ќе ја позиционира земјата како неизоставен фактор во секоја дискусија за проширувањето. Прашањето не е зошто Фицо не ја спомнал Македонија. Прашањето е дали Македонија направила доволно за да биде неизоставна во ваквите изјави. Дипломатска офанзива треба да се води на повеќе фронтови, а максималното динамизирање на дипломатијата подразбира координирана акција на повеќе нивоа – велат нашите соговорници дипломати.
Кои се нивоата и формите за една динамична проактивна дипломатија со која Македонија мора да стане препознатлива?
Нашите соговорници, дипломати од кариера, а некои од нив веќе и во пензија, но искусни со дипломатско знаење и вештини, ги издвојуваат од прва рака неколкуте значајни форми и облици каде што треба значајно да се засилиме за да не бидеме, како што метафорично се изразуваат, „далеку од очи – далеку од срце“.
1. Интензивна билатерална комуникација
Потребни се чести и суштински контакти со владите на влијателните членки на ЕУ. Не само протоколарни средби туку тематски разговори, брифинзи и стратешки документи што ќе ја објаснат македонската позиција и ќе ги аргументираат реформските резултати.
2. Парламентарна и партиска дипломатија
Европскиот парламент има значајна улога во обликувањето на јавната дебата за проширувањето. Сите, ама баш сите македонски партии треба активно да ги мобилизираат своите европски партнери и сестрински партии за поддршка на македонската кауза.
3. Активирање на дијаспората
Македонската дијаспора во клучните европски држави може да биде мост меѓу Скопје и европските престолнини. Организирани форуми, академски конференции и економски иницијативи можат да ја зголемат видливоста на земјата.
4. Стратешка комуникација
Македонската позиција ретко добива простор во влијателните европски медиуми и аналитички центри. Без силна комуникациска стратегија, наративот за земјата го обликуваат други.
Видливоста како предуслов за приоритет
Во меѓународната политика нема празен простор. Ако државата не ја раскаже својата приказна доволно гласно и аргументирано, таа едноставно ќе биде изоставена од клучните формулации и дипломатски пораки, велат соговорниците.
– Македонија, ако навистина ги исполнува суштинските стандарди, мора да изгради позиција во која нејзиното спомнување во европските изјави ќе биде логично и очекувано. Тоа не се постигнува со еднократни активности, туку со долгорочна, систематска и динамична дипломатска стратегија. Ние добро се движиме од скоро, со засилено темпо, што се гледа дека уште не е доволно високо. Наша слабост, малодушност, а можеби и завист и суета, која дури се граничи со некакво кодошење и предавство, е тоа што поединци или групи од опозициските партии активно излегуваат во Европа, во центрите на моќ, па дури и влегуваат во комуникација со бриселските елити во кои „ја оцрнуваат својата земја“, потоа „вадат квазиаргументи и се служат со подметнувања“, кои одат на директна штета на државата и на нацијата. Кои им се мотивите, не знаеме, но се гледа дека консензуалниот пристап на нашите политичари и од сите партии – изостанува, а е неопходно потребен, токму заради просперитетот на сите нас заедно – издвојуваат соговорниците.
Момент за државничка мобилизација
Европската перспектива не е само прашање на технички преговори. Таа е прашање на политичка тежина, видливост и способност да се создаде коалиција на поддржувачи.
– Доколку Македонија сака да биде препознаена како држава што заслужува приоритетно членство, тогаш мора да ги активира сите дипломатски механизми, и институционални, и парламентарни, и економски, и културни, и спортски… Во спротивно, ќе продолжи да биде тема на разговор – но не и неизоставен субјект во него – велат нашите соговорници, искусни дипломати и патриоти. П.Р.
































